Ангеловска молчи за ребалансот, Битиќи открива дека ќе се скратат само од 40 до 80 милиони евра

Со ребалансот на буџетот кој вчера го најави министерката за финанансии Нина Ангеловска се планира да се скратат од 40 до максимум 80 милилини евра. Тоа се само 1 до 2 проценти од 3,9 -те милијарди евра кои институциите планираа да ги потрошат за годинава.

Ангеловска молчи за сумата и не открива детали од што ќе се крати и дали ќе се чепнат и платите на администрацијата.

Но, затоа советникот на техничкиот премиер Спасовски, Фатмир Битиќи кој воедно е и во советодавното тело од експерти на Ангеловска, ја открива сумата и тврди дека не може да се скрати повеќе од тоа.

Нема да се кратат капитални раскоди, а ребалансот треба да помине на Влада до крајот на месецов.

Според Битиќи до максималната сума од 80 милиони евра би се дошло само ако има консензус и за тоа што немало до сега, како што е и кратењето на платите во администрацијата. За сега има најмалку 6 сценарија за кратење, и тоа дали сите по 20 проценти, дали само платите над просечната и други, но за сега нема консензус во Владата за тој предлог.

Битиќи очекува јавниот долг на земјава на крајот од годината да се зголеми за 10 проценти, односно да биде околу 60 проценти од БДП. Но тоа само ако нема втор бран на здравствената криза. Ако има, според него никој не може да предвиди колку ќе расте јавниот долг и задолжувањата.

Инаку до сега она што е проектирано како задолжување е околу 1,2 милијарди евра. А буџетскиот дефицит според Битиќи ќе се зголеми за три пати од проектираните 2,3 проценти, и ќе достигне до 6,8 проценти од БДП.

Ниту техничкиот премир Спасовски не открива детали за ребалансот. Изјави само дека нема да се крати од капиталните инвестиции, а се уште се анализира дали ќе се кратат платите на администрацијата.

Итен ребаланс на Буџетот препорача и ЕК затоа што приходите во буџетот се намалени за околу 25 проценти.

Стравувањата и на домашните и на странските финансиски институции се дека ако има втор бран на здравствената криза последиците по буџетот и домашната економија ќе бидат далеку поголеми од проценките.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ