
Партиите не отстапуваат од ставовите, Спасовски очекува успешна лидерска средба
Партиите не отстапуваат од своите ставови за изборите. Власта инсистира на брзи избори веднаш по завршувањето на вонредната состојба, опозицијата бара тие да се одржат барем 60 дена подоцна. Се отворија и бројни правни дилеми, за кои толкувањата се дијаметрално спротивни.
Техничкиот премиер очекува личните и партиски интереси да се надминат на лидерската средба, закажана за 12 мај кај претседателот Стево Пендаровски и да се најде решение за отворените прашања.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, за одржувањето на избори веднаш после вонредната состојба е најдобро да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија.
Венецијанската комисија на примерот на Грузија и на Турција наведува дека „избори треба да се организираат дури по истекот на 60 дена од денот кога престанала вонредната состојба, затоа што изборите бараат мирна политичка атмосфера и целосно почитување на сите слободи и човекови права„. Министерката за правда веќе реагираше дека, одредбата од грузискиот устав не е задолжителен стандард на Венецијанската комисија и дека нашиот устав е поинаков. Тој предвидува дека нема да се спроведуваат избори само за време на траење на вонредна или воена состојба.
Нови дилеми отворија и од ДИК, како за роковите, така и за начинот на кој би се одржале изборите. Се очекува работите да станат појасни и во овој дел по лидерската средба Ако не биде прогласена нова вонредна состојба, според владината Уредба за изборите, сите изборни дејствија треба да продолжат таму каде што застанале, а застанаа на 24 дена пред самото гласање. Дилемата е и како решението на Џафери за избори на 12 април да биде ставено вон правна сила, а да се „вметне“ новиот датум за кој ќе се договорат лидерите. Џафери навести дека воопшто нема да носи ново решение, туку изборните дејствја ќе продолжат по автоматизам.
Далиборка Демјанска Цветановска