Охрабрување за европските перспективи за регионот и финансиска помош од ЕУ

Западниот Балкан припаѓа во Европската унија и ние имаме обврска кон него, ваква охрабрувакта порака за интегрирањето на регионот во Унијата беше испратена вечерва од претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, по самитот ЕУ – Западен Балкан.

„Западниот Балкан припаѓа во ЕУ и тоа воопшто не е прашање за нас“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европска комисија.

Сепак од регионот се бара да ги продолжи реформите.

„Владите во регионот ќе мора да продолжат да испорачуваат реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Тоа значи справување со корупцијата и организираниот криминал каде ние сакаме да видиме јасни постигнувања“, нагласи Фон дер Лајен.

Идентични очекувањата од регионот има и претседателот на Европскиот совет, но тој притоа подиректно за тоа ги спомена и добрососедските односи, споменувајќи ги одделно и договорите кои Македонија ги има потпишано со Грција и Бугарија.

„Го поздравивме прогресот направен во насока на намалувањето на тензиите во регионот, пред се со Договоро од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција, како и Договорот за пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија. Имплементацијата на овие договори е многу важна за да се помогне да создаде позитивен моментув и да се постигнат резултати“, рече Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

Добрососедските односи влегоа  и во Декларацијата усвоена на Самитот што е важно за Македонија, со оглед на последните закани од Бугарија дека доколку земјава сака да стане членка ќе мора да ги затвори историските прашања со неа. Во Деклрацијата се бараат опипливите резултати во спроведувањето и придржувањето до билатералните договори, вклучително и на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

„Потребни се понатамошни и одлучувачки напори посветени на помирување и регионална стабилност, како и на изнаоѓање и имплементирање на конечни, сеопфатни и обврзувачки решенија за страните во билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на минатото, согласно меѓународното право и воспоставените принципи“, е наведено во Декларацијата.

Од страна на Македонија на самитот беше потврдено дека земјата е подготвена на следните чекори за да се реализира нејзинотот полноправно членство. Прво на агендата во тој контекст е официјалниот старт на преговорите кој се очекува до крајот на годината.

„Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка Европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки“, рече Спасовски.

Унијата која денеска го потврди пакетот помош од 3,3 милијарди евра регионот за справување со Ковид-19, информираше дека Економски и инвестициски план за Западен Балкан се одложува за наесен.

Македонија во рамки на Инвестицискиот план побара во него бидат вклучени дел од стратешките инфраструктурни планови на земјава. Проектите за кои се бара помош во пари од Унијата се железничкотот поврзување со Бугарија и автопатот кон Косово, гасоводот со Грција, развој на дигиталната економија и на зелениот раст, како и поттикнување на трговијата и турзмот во регионот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ