Лоши кинески брзи тестови за Ковид 19 се продаваат како холандски тестови и во Македонија

Лоши кинески брзи тестови за Ковид 19 се продаваат како холандски тестови низ повеќе земји во светот, меѓу кои и во Македонија, открива во своето новинарско истражување ИРЛ заедно со нивниот меѓународен партнер истражувачката мрежа ОЦЦРП. Според написот, кинески тестови произведени за брзо тестирање на крв за присуство на антитела на Ковид 19, поради дупки во еврпската легислатива се препакувале во холандска амбалажа и добиле статус на европски производ.

Истите тестови се продавани дури и на државни институции покрај на приватните компании во десетици држави низ светот. На кинеските тестови спакувани во холандски или американски кутии паднале и Шпанија, Италија, Франција, Велика Британија, Индонезија, Русија и Ватикан, открива ОЦЦРП и ИРЛ во истражувањето Несигурни дијагнози. Особен проблем според истражувањето е неквалитетот на тестот кој може да излезе и како лажно негативен и да го залаже пациентот.

Токму кумановскиот пациент Роџер Зекировски правел таков тест во Скопје, му излегол негативен, а по три дена почина од Ковид 19. Тој е спомнат во истражувањето,а по ова меѓународната истражувачка мрежа почнала со својата работа во која открива дека тестовите не се произведени во Холандија туку во фабрика Биотек во кинескиот град Хангзоу. Низ Европа и низ светот се продавале како холандски тестови со име Биозек. Продавачот од Холандија тврдел дека тестовите имаат над 90 проценти точност, иако праксата е поинаква, вели Сашка Цветковска од ИРЛ.

Брзите крвни тестови од типот Биозек ги увезла болницата Систина, а оттаму тврдат дека медиумот ИРЛ поради претходните написи веќе добил кривични пријави од нив за две кривични дела за нарушување на угледот и за загрозување на јавно здравје во услови на пандемија, поради тенденциозноста на претходните истражувања,  Процедурата и производот се објаснети на сајтот на болницата.

Во Дебар исто така беа користени брзи тестови за скринингот. Тие тестови се од холандска донација, но не се од брендот Биозек. Според опаковките на тестовите до кои дојде Телма, станува збор за тестови во германско пакување, но произведени исто така во Кина во фабриката Хајтоп Биотек во градот Кингдао. И двете фабрики, од истражувањето на ИРЛ и од донацијата се од фабрики кои носат исто име Биотек, но се наоѓаат на околу 500-тини километри растојание во Кина.

Државата подготвува нов скрининг, пред се на здравствени работници, вработени во градинки, училишта и оние најизложените на средби со многу луѓе, но овој втор скрининг ќе се врши со молекуларни ПЦР тестови, а не како дебарскиот со брзи тестови.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ