
Димитров во Топ Тема: Македонски идентитет и европска иднина, “или-или” е пораз и на европската идеја
Наше е правото на самоопределување, изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во вечерашната Топ Тема, на дилемите поврзани со бугарските барања за македонскиот јазик и малцинство и дали тие може да влезат во преговарачката рамка и да го спречат почнувањето на преговорите со ЕУ.
Ако ние дојдеме до таква равенка “или -или”, тоа ќе биде во суштина пораз на европската идеја, на вредносно ниво и кршење на меѓународно право, дури ни ЕУ нема такво право, кажа Димитров, подвлекувајќи дека и самата Европска Унија веднаш по Преспанскиот договор излегла со меѓуинституционално упатство, за името и поврзаната терминологија, каде македонскиот јазик е македонски јазик,
“Второ, во политичка смисла што ќе биде тоа? Две години слушаме пофалби за лидерството и решавањето на прашањето кое три децении не можело да се реши и сега самата ЕУ ли ќе оди против тој успех во регион што е многу богат со спорови”, оцени Димитров зборувајќи за Преспанскиот договор.
“Нашата задача е да водиме политика на дипломатски начин и преку јавни изјави што нема да дозволи да биде или македонскиот идентитет или европската иднина. Туку да биде македонскиот идентитет и европската иднина, па и пријателството со Бугарија ќе го решаваме. Никој не вели дека е лесно, големите работи никогаш не се лесни. Една голема планина искачивме, ќе ја искачиме и оваа планина” – изјави Димитров во Топ Тема.