Македонија на Грција и доставила своја нацрт-спогодба решавање на спорот

Македонија денеска на Грција и го доставила својот нацрт-договор за надминување на спорот околу името. Ниту премиерот Зоран Заев, ниту министерот за надворешни работи Никола Димитров не кажаа што содржи македонскиот документ доставен до Атина. И двајцата потврдија дека грчката нацрт-спогодбата е стигната во Скопје пред неколку дена, но не открија детали што содржи документот од Атина, дури ни тоа дали се бара промена на македонскиот Устав. Единствениот коментар на Димитров за содржината на двете спогодби е дека има разлики меѓу нив.

„Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики“, Никола Димитров, шеф на македонската дипломатија.

Заев на прашањето дали е вистина дека Грција притиска за името Горна Македонија, рече дека досега не било разговарано конкретно за ниту едно име.

„Немаме разговарано за конкретно име ниту од наша, ниту од нивна страна. Прво се важни другите аспекти на преговорачкиот процес. Не навлегувам во деталите токму од внимателен аспект да дадам шанса за успех на овие преговори“, Зоран Заев, премиер на Македонија.

Денеска првпат по најавата од јануари дека Грција подготвува нацрт-спогодба беше откриено дека и македонската страна подготвила своја нацрт-спогодба. Информацијата уследи откако грчкиот шеф на дипломатијата синоќа соопшти дека грчката на Скопје и е доставена пред неколку дена.

„Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост, како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идна агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје“, изјави Никос Коѕијас, шеф на грчката дипломатија.

Нема временска рамка за одговор меѓу двете страни по нацрт-спогодбите. Димитров рече дека за спогодбите сигурно ќе се дебатира на средбата со Коѕијас в петок, а и потоа на новата рунда разговори под покровителство на посредникот од ОН, Метју Нимиц, закажана за 30 март во Виена. Тој е убеден дека елементите од македонската нацрт-спогодба ќе бидат корисни и за овој процес.

„Убедени сме дека ако целта е да се најде едно одржливо достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција“, Никола Димитров, шеф на македонската дипломатија.

Размената на спогодбите меѓу двете страни во спорот околу името доаѓа на неколку дена пред посетата на Коѕијас на Македонија, но и новата рунда преговори под покровителство на Нимиц.

Заев посетат на Коѕијас рече дека е важна како мерка за градење на довербата меѓу двете страни, особено со тоа што шефот на грчката дипломатија ќе слета на скопскиот аеродром. И посетата на Коѕијас, но и предлог-документите од двете земји тој ги оцени како помош и алатка на преговарачкиот процес во рамките на ОН во функција на изнаоѓање на решение, а не за одложување или блокирање.

Коѕијас в четврток попладне доаѓа во Македонија по што ќе има работна вечера со министерот Димитров. В петок ќе има состанок на работните тимови, а Коѕијас ќе оствари средби освен со Димитров и Заев и со други високи политички претставици во државата.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ