Драма на писта: Парчиња од елиси летале низ автомобили и покрај луѓе, излеан керозин од урнатиот хеликоптер, еден пилот повреден

Остатоците од урнатиот полициски хеликоптер останаа цел ден на пистата каде при полетување се преврте. Еден припадник на пилотскиот екипаж е полесно повреден, но избегната е поголема несреќа.

Претпаднево полицискиот хеликоптер со 5 членови во екипажот пристапил до старата платформа односно до бензинската пумпа на пистата. Тоа е делот кај старата аеродромска зграда.

Откако резервоарот бил натанкан со керозин се упатил на пистата. При обид да се дигне во воздух се извртел и се урнал. Елисата и пропелерите биле во полна брзина и се распаднале од удар во бетонската писта.

Парчиња од елиси летале на сите страни. Едно поминало низ автомобил во кој имало вработен во аеродромските служби. Острото парче го избушило и поминало низ возилото на неколку сантиметри од работникот. Не бил повреден.

При падот, полниот резервоар се оштетил и на пистата се растекол штотуку наполнетиот керозин. Додека пилотите се извлекувале од паднатиот воздухоплов, противпожарна екипа од аеродромот за три минути стигнала на местото и го полеала со пена горивото за да не се запали.

Брзата интервенција и среќниот сплет на околности спречиле поголема трагедија, керозинот не се запалил, а парчиња од елисите не ја оштетиле блиската аеродромска пумпа, ниту пак царинските и полициските испостави до кои е паднатиот хеликоптер.

Инцидентот е пријавен од полициската станица на аеродромот во 11:30 часот. Потоа преку фејсбук потврди и министерот Чулев.

ФБ статус на Наќе Чулев, МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ

-Согласно годишниот план за редовни активности, припадниците на МВР извршувале тренажен лет. Министерството за внатрешни работи, согласно Законот за воздухопловство ќе ги преземе сите неопходни мерки, а во соработка со Агенција за цивилна и воздушна пловидба ќе се формира комисија која ќе треба во целост да ги утврди фактите и околностите под кои се случил настанот.

Екипи и од обвинителско-полициската истрага, но и од комисијата за испитување на воздухопловни несреќе и инциденти беа на терен, а местото на инцидентот беше опколено со полициски ленти.

Првичните информации се дека пред падот имало силен удари на ветрот со брзиан аод 26 чвора односно околу 50 километри на час. Истрагата треба да открие зошто се случи несреќата и зошто се урна полицискиот хеликоптер набавен во 2009-тата година.

Материјалната штета исто така ќе биде голема, бидејќи познавачите велат дека вака опремен хеликоптер може чини над 10 милиони евра.

Ова е хеликоптерот кој падна, паркиран во базата Брест пред повеќе од една година, Хеликоптерот од типот МИ 171А го носи бројот МАР 7711 бил надграден со современа опрема за инструментално и ноќно летање, како и за термално набљудување на терен.  Често бил користен и за мисии за наоѓање и спасување, медицинска евакуација односно познатите САРХЕМС воздушни операции.

Хеликоптерот кој денеска се урна, пред две години е модернизиран.

Во 2009-та беа купени 4 транспортни хеликоптери. Еден од нив падна во јули 2011-та кај Струмица, а тогаш загинаа 4-ца полициски пилоти. Ова е втор хеликоптер од тој контингент кој учествува во воздушен инцидент

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ