Решенијата на 532 полицајци приправници стојат во фиока кај Чулев, вели Петровска

Готови решенија за повеќе од 500 полициски приправници стојат во фиока кај министерот за внатрешни работи и се заглавени во административна процедура без неговиот потпис, за Телма изјави дополнителната заменичка министерка во МВР. Во меѓувреме службениците чекаат да добијат повик за да ги засилат капацитетите на полицијата. Од Независниот полициски синдикат бараат итна разврска на целата ситуација и приправниците веднаш да почнат да работат.

„Од страна на МВР до овој момент, овие полициски приправници 532 се уште немаат добиено решение. Јавно посочувам до МВР, ова што е донесено како Уредба уште денеска да биде потпишано од двајцата министри и оваа работа да се реши“ вели Гоце Делчев Тодев – Претседател на Независен полициски синдикат.

Токму од Синдикатот беше предложено до Владата да донесе ваква Уредба, а истата е со цел кадровски да се засили полицијата која има многу работа откако е вонредна состојба во државата и полицискиот час е секојдневие. Дополнителната заменичка во МВР, Славјанка Петровска, го прозва министерот Наќе Чулев дека тој се уште чека, иако во вакво време треба да се делува ефикасно.

„Не знам од кои причини министерот за внатрешни работи подолго време ги држеше кај себе решенијата кои беа изготвени за полициските службеници односно полицајците приправници иако Уредбата на Владата беше донесена пред отприлика месец дена и поради вонредните околности ние како Министерство требаше да ја спроведеме многу порано. Останува уште еден дел од Уредбата којшто не е спроведен, а тоа е – оние вработени кои имаат статус на приправници, а се со високо и средно образование и за нив решенија воопшто не се изработени“ изјави Славјанка Петровска – Дополнителен заменик министер за внатрешни работи.

Владата ја донесе Уредбата пред еден месец. Со неа, приправничкиот стаж на полициските службеници се намалува на 5 месеци, а приправничкиот испит се смета за положен.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ