
Бруто домашниот производ годинава ќе се намали за 3,4 отсто – прогнозира Министерството за финансии
Полнењето на буџетот во април годинава било подобро од очекувањата на Министерството за финансии прогнозирани во оптимистичкото сценарио. Годибава, во првите четири месеци споредено со истиот период лани – вкупните буџетски приходи се намалени за 4,6% , додека во април годинава споредено со април минатата година -вкупните буџетските приходи се намалиле за 20%. При тоа кај даночните приходи за кои финансии прогнозираше дека ќе се намалат за 40% бележат пад 31%, додека придонесите се на исто ниво од лани.
„Ова значи дека имаме подобра наплата согласнот тоа сценарио од околу 1,4 милијарди денари, во однос на проекциите согласно корона кризата. Односно може да се каже дека нашето разработено сценарио било поконзервативно или попретпазливо“, истакна Нина Ангеловска, министер за финансии.
Во април годинава најтешко одела наплатата на ДДВ која е намалена за 43,5%, акцизите имаат пад од 40%, царините од 26%, додека перосналниот доход за 11,7%. А кај кај данокот на добивка има зголемена наплата од 3,6 % што се смета за позитивен показател за работата на компаниите.
„Основното сценарио на Министерството за финансии предвидува забавување на економската активност за -3,4 процент со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст“, вели Ангеловска.
Министерството за финасии прогнозира дека годинава извозот ќе се намали за 16,8 %, а нешто помал пад ќе има и кај увозот. Се прогнозира и пад на приватната потрошувачка за 3,3 % додека јавната ќе има раст.
Наташа Стојановска