ВМРО ДПМНЕ ја обвини Владата дека се расфрла со пари

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната прес конференција обвини дека Владата се расфрла со пари и продукти кои не се потребни.

  • Додека народот нема за леб и сол, владата на СДСМ купува школки, октоподи и морска риба.
    Ова е извадок од веб-страната на Бирото за јавни набавки од која се гледаат трите договори со кои Владата, преку СОЗР, на 07.04.2020 година купила стотина килограми школки, ракови, лигњи и октоподи и сето ова се прави во период додека медицинските лица немаат заштитна опрема, луѓе се заразуваат и умираат од корона, додека се кратат плати на работниците, а голем дел остануваат без работа. Наместо да се набават нови респиратори, заштина опрема или да им се подели бонус на лекарите и медицинските работници, власта се гости со народни пари. Народот се организира и шие маски, капи и каљачи за лекарите, затоа што владата наместо да купи заштитна опрема, парите ги потрошила за гозба, изјави Јанушев на денешната прес конференција.

Реагираа од Владата, од каде соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ не ја кажува вистината, рестораните во државните институции сè уште не работат, а она што нема да се реализира нема ни да се плати.

  • Партијата ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека Владата мора да се подготвува за периодот кога институциите ќе продолжат редовно да функционираат и да примаат делегации од земјите и партнерите на Северна Македонија од целиот свет. Владата ќе продолжи со транспарентно и домаќинско однесување. За разлика од пред три години, сега секој денар на граѓаните е ставен на јавен увид, а службените трошоци на функционерите се намалени за повеќе од двојно во споредба со годините на претходната влада. Потсетуваме дека во периодот до 2017 година, наместо да се стават во функција рестораните на институциите, се трошеше неконтролирано со енормно високи платени фискални сметки и фактури низ луксузните кафеани низ државата.
Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ