М-НАВ бара неискусен советник

Ем неискусен, ем ќе советува- М-НАВ објави оглас во кој ќе вработи советник, кој покрај завршен факултет треба да има и цитирам:

„Други професионални квалификации, способности и вештини, лични квалитети, a особено познавање на англиски јазик и работа на компјутер.“

Тој што ќе ги исполни овие широки норми и ќе биде избран од комисијата за вработување на Македонската навигација ќе ја добие својата прва плата во висина од над 41 илјада денари или речиси 700-тини евра.

Дебитантот или дебитантката во Одделението за односи со јавност, ќе работи овде во центарот на Скопје. Без искуство, без знаење и без обука веќе првиот месец ќе добие 3 и пол минимални плати или 1,8 просечна македонска плата. Во конкурсот на М-НАВ не се бара ниту стручен факултет, па секој што завршил високо образование без разлика дали е земјоделски, географија, родови студии, право или физичка култура го исполнува условот на М-НАВ.

М-НАВ е дел од европската навигациона мрежа, односно Еуро контрол, а станува збор за трговско друштво во сопственост на државата. Мора да ги следи високите стандарди во контролата и навигацијата на воздушниот сообраќај, а за тие услуги наплаќа на авио-превозниците. Вишокот средства ги дава во државниот буџет, а од државата е дозволено и да имаат високи плати согласно правилата на Еуроконтрол.“

Во одделението за односи со јавноста веќе има тројца вработени, а новиот неискусен советник кој се бара ќе ја пополни 4-тата позиција. На почетокот на март завршил уште еден оглас за вработување во М-нав, за иста плата од 41 илјади и 270 денари, се барал советник за човечки ресурси, кој требало да има општествен факултет и една година искуство. Лани во декември, М-нав вработувал уште 6-мина советници, но на тој конкурс се барале луѓе со определени факултети, а за некои позиции требало и искуство. Последниот оглас е објавен вчера.

Од М-НАВ прашањето за критериумите за последниот оглас ни одговорија дека е во согласност со законите и со систематизација на компанијата, а не коментираа за висината на првата плата:

М- НАВ објави оглас за вработување на 1 извршител на работно место Советник за односи со јавност, во дневните весници „Слободен печат“ и „Коха“. Oбјавениот оглас е согласно барањата за работното место утврдени во Правилникот за систематизација на работните места на М-НАВбр.02-701/5 од 08.06.2015 година.  На огласот може да се јават сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите наведени во самиот оглас,  без никаква дискриминација. Со кандидатите кои ги исполнуваат бараните услови, кои се докажуваат со доставување на  докази, ќе се спроведе интервју и преку транспарентна постапка, согласно Законот за работните односи, ќе се изврши селекција работник за наведеното работно место. Oгласот е објавен во согласност со одредбите од Законот за работните односи, Колективниот договор на М-НАВ, Правилникот за систематизација на работните места  и добиената согласност од Министерството за финансии на Р.М. бр.18 – 2969/3. Огласот ги содржи сите елементи согласно  Законот за работните односи, меѓу кои и видот на образование – Прв циклус на студии,  Универзитетски студии со минимум 180 ЕКТС, познавање на Англиски јазик и работа со компјутер.  Согласно Правилникот за систематизацијата на работни места, на работното место Советник за односи со јавност се предвидени вкупно 5 работници.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ