
Гонзалес го објави списокот за активностите во неделата на ЕХФ
Селекторот на машката ракометна репрезентација Раул Гонзалес изостави четири ракометари од 19 те во неговиот избор што го објави за првиот собир по Европското првенство во Хрватска за претстојните подготовките во неделата на ЕХФ.
Филип Лазаров, Немања Прибак, Филип Миркуловски и Ацо Јоноски нема да бидат во комбинација за активностите од втори до осми април, додека преостанатите 15 ракометари кои се на списокот беа дел од континеталниот собир во јануари. Во националниот тим повторно се враќа Дарко Димитриевски, а повик доби во овој состав да конкурира за своето деби и младиот десен бек на Металург, Мартин Серафимов.
„Црвено жолтите“ во овој период ќе се подготвуваат за јунскиот бараж против Романија за пласман на Светското Првенство во 2019 та година што ќе се одржи во Данска и Германија. Покрај тренинзите во Скопје, нашите репрезентативци во текот на ЕХФ неделата ќе одиграат и еден пријателски натпревар против Русија.
Список на ракометари:
Никола Митревски, Борко Ристовски, Златко Даскаловски, Мартин Томовски, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Дејан Манасков, Филип Талески, Горан Крстевски, Филип Кузмановски, Кирил Лазаров, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Марковски, Велко Маркоски, Дарко Димитриевски и Гоце Ојлески.