
Џафери се уште ја игнорира СДСМ
Пратениците – иницијатори за свикување собраниска седница се уште го чекаат одговорот на Талат Џафери. Тој не им достави одговор на 35-те пратеници ниту ја препрати иницијативата до нивните колеги, како што налага собранискиот протокол. Социјалдемократите, кои ја поднесоа иницијативата со поддршка на другите партии од нивната коалиција, но и со потписи на БЕСА и Алијанса, очекуваат формално известување.
Пред два дена, Џафери одговори само со една телевизиска изјава, со која го обвини СДСМ дека му прави пуч во Собранието, кое е веќе распуштено. ВМРО ДПМНЕ го дели неговото мислење: Собранието не може да се свика од поранешни пратеници.
Пред 6 дена, 35 пратеници поднесоа барање спикерот Џафери да закаже седница. Предлагаат, во согласност со Уставот, да има две точки со кои ќе се потврдат двете одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба: од 18 март и од 16 април. ВМРО ДПМНЕ и ДУИ сметаат дека таа обврска треба да му остане на наредниот собраниски состав.
Соња Николовска