
Чулев контра Судска медицина
Кога настапила смртта кај мајката и синот Маноилови од Велес? Кон крајот на февруари или почетокот на март, како што тврди Судска медицина, или еден месец пред тоа, како што се уверени во МВР? Прашањето доби на посебно значење откако во дишното стебло на мајката беа пронајдени траги од корона.
Министерот Наќе Чулев, во изјава за „Слободен печат“ вели дека СВР Велес се уште води истрага по налог на обвинителството. Утврдено е дека сите активности на починатите прекинуваат кон крајот на јануари – разговарано е со соседите кои тогаш ги виделе за последен пат, со околните продавачи, а издадени се налози за да се види кога последен пат зборувале на мобилен телефон, користеле струја и вода. Ако се земат предвид овие показатели, како и фактот дека короната не може долго да живее во мртво тело, испаѓа дека двете лица од Велес се починати уште во декември или јануари, што отвара дилема од кога корона вирусот бил присутен во земјава, вели министерот Чулев.
Во својот извештај, Судска медицина констатираше дека смртта кај двете лица настапила 3 до 5 недели пред 6-ти април, кога беа пронајдени во нивниот стан.