
Уставнитe судии знаат за епидемијата, но ги „спасија“ своите и функционерските високи плати затоа што сметаат дека владата нема вонредни ингеренции за нив
Солидарноста падна на Уставниот суд. Судиите во највисокиот суд сметаат дека треба да се запре постапката по уредбата за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Со таа уредба фукциноерите, но и пратениците, судиите и обвинителите требаше да земаат минимална плата од 14.500 денари наместо редовната, а парите да се пренаменат за солидарни фондови за борба против епидемијата на КОВИД 19. Здружението на судии го обжали само делот за платите на судиите, додека адвокат ја обжали целата уредба.
За судството постои самостоен судски буџет, а платите според законот не смее да се менуваат ниту со одлука на државен орган ниту со законска измена. После ваквото толкување и претставката пред Уставен суд чии судии исто беа опфатени со солидарното намалување на плати, денеска е донесена одлука да се отвори постапка и да се запре примената на уредбата.
Телма телефонски стапи во контакт со претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, а тој велеше дека се има во соопштението на судот и дека не може да зборува затоа што се враќа дома во Врапчиште.
За насловите и цитатите на уставните судии, објавени од порталот СДК.МК дека Мурати кажал „ЗОШТО ОД ГЛАДНИ ЛУЃЕ ДА СТАНЕМЕ НАРОДСКИ КАЖАНО УШТЕ ПОГЛАДНИ“, претседателот ни кажа цитирам „не сме кажале така“ во множина иако колешката која ја следела седницата напишала дека тоа го кажал првиот човек на Уставниот суд. –Не сум кажал така, но ќе ги следам работите и ќе бидам во тек, ни рече Мурати.
Двапати му напомнавме дека сакаме телефонска изјава и дека ја снимаме, кога го прашавме уште еднаш за дозвола за објавување Мурати го прекина повикот. Поради јавен интерес го објавуваме неговиот збор без телефонската изјава за да избегнеме потенцијална тужба од негова страна.
Еве го разговорот со него:
ТЕЛМА: Што значи денешната ваша одлука, дека таа сега ги враќа платите, вашите плати и на функционерите назад?
Сали Мурати, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВЕН СУД: Да, имаме одлука, поведовме постапка и имаме времена мерка. Така. Така се толкува
ТЕЛМА: Добро се толкува, но што значи тоа во реалноста, Вие ќе останете со истите плати без разлика на состојбата во општеството?
Сали Мурати, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВЕН СУД: Да, Да. Ќе останеме со истите плати.
ТЕЛМА: А нема на друг начин да помогнете бидејќи знаете дека многу судии не одат на работа?
Сали Мурати, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВЕН СУД: Сега вака не се однесува тоа само на судиите Ние одлучувавме, со саати зборувавме, девет судии. Сите.
Телма: Извинете, не знам дали сте свесни и дали знаете дека има епидемија од корона?
Сали Мурати, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВЕН СУД: Дали знаеме. Знаеме. Ние имавме соопштение за јавноста и тука кажавме се.
Извори од Уставниот суд за Телма тврдат дека одлуката е донесена едногласно, сите 8 присутни судии гласале за отварање постапка и враќање на платите, но и за уште две други уредби, едната за заостанатите плати на СЈО и втората за укинатите надоместоци во државната администрација.
Судиите сметаат дека владата излегува од своите овластувања со носење на трите уредби, бидејќи според нив не се однесуваат на вонредната состојба и справувањето со пандемијата. Уставните судии при своето одлучување ги примениле членовите 125 и 126 од Уставот.
Миомир Серафиновиќ