Скопје во очекување на посетата на Коѕијас

Скопје е во очекување на посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој како што најавуваат медиумите во Грција, ќе ја донесе нацрт-спогодбата за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција.

Документот ќе содржи околу 55 параграфи, со сите отворени прашања, сместени на 20 страници. Предлогот е подготвен од грчкото МНР, опширно разгледан меѓу премиерот Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, а ги содржи точките што ги најави и самиот шеф на грчката дипломатија.

Патувањето на шефот на грчката дипломатија во Македонија, со лет директно од Атина за Скопје, веројатно ќе биде на 22 март. Официјално пристигнувањето на Коѕијас на аеродромот во Скопје, кој беше преименуван од македонската влада, како една од отстапките во процесот на преговорите, не е потврдена ниту од македонското, ниту од грчкото МНР.

За посетата на Коѕијас вчера се огласи и премиерот Зоран Заев. Тој средбата ја оцени како можност за приближување кон решавањето на проблемот што го има Грција со нашето уставно име.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ