Сугарески: Демократско е правото на протест, но не држи тезата на транспортерите

Демократско право е на секој да протестира. Ние во изминатите три години се изборивме за слобода и демократија за разлика од она што беше режим кога буквално беше спречено правото на протест. Право е на транспортерите да протестираат, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Коментирајќи го денешниот протест на членките на „Макам-транс“ за покачената акциза на горивата, Сугарески рече дека сепак не им држи тезата за протестот.

– Има три клучни аргументи. Прво, зголемувањето на акцизата е заради солидарност, заради граѓаните на оваа држава и апсолутно не е никаков дополнителен товар за било кого. Второ, цената на нафтата во моментов е помала за 20 денари во однос на јануари и февруари. Денеска со најновото намалување на цената на дизел горивото, таа е најниска во последните 20 години. Уште еден важен аргумент е тоа што цената на нафтата кај нас е најниска во споредба со сите земји од регионот, рече Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање по направениот увид на градежните работи на првата делница на експресниот пат Штип-Кочани.

Додаде дека во дадената ситуација сите треба да бидат солидарни и да покажат разбирање.

Организирана колона од камиони, автобуси, комбиња со вклучени сирени попладнево  се движи низ центарот Скопје. На тој начин транспортерите организирани од асоцијацијата Макам-транс израззија протест за покачената акциза на горивата и побараат поддршка за транспортниот сектор кој е меѓу најпогодените со здравствено економската криза предизвиката од коронавирусот.

Тие бараат да се укине Уредбата за зголемување на акцизата на горивата за три денари и да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности.

Протестот  се одвива согласно сите мерки за безбедност кои се во сила заради пандемијата коронавирусот поради којашто се намали обемот на работа и во патничкиот и во товарниот превоз.

Протестот на на Макам-транс не го поддржа СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, чии членки, како соопштија оттаму во најголем дел оцениле дека тоа нема да помогне за излез од економската криза поради коронавирусот.  Тие пак бараат подетално образложение на ефектите од владината мерка во јавноста, на транспарентен начин, но и гаранции за намената на собраните средства и нивна распределба онаму каде што е потребно, не изоставувајќи го товарниот транспортот, но и патничкиот превоз, кој бележи 100 проценти пад од почетокот на пандемијата

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ