
Во два магацини во Скопје се чува целата заштитна опрема со која располага државата
Во два магацини во Скопје се чува целата заштитна опрема – маски, наочари, мантили, скафандери, ракавици со кои располага државата во моментов. „Телма“ ги посети и двата, да „провери“ дали во земјава има доволно заштитна опрема на залиха.
Прва локација на која се упативме е касарната „Гоце Делчев“ каде под посебен безбедносен режим опремата се чува во магацините на Дирекцијата за заштита и спасување.
Чешка, Кина, ОБСЕ с само дел од помошта која веќе пристигнала, а секојдневно има и нова. Директорот на Дирекцијата Џафероски вели нема простор за паника, заштитна опрема има доволно.
Изминатата недела се поделија 1 милион маски и други заштитни средства до крајот на овој месец само со тие средства можеме да издржиме. Секојдневното пристигање и ова што ви кажувам донацијата од ОБСЕ, го активиравме и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија каде што Дирекцијата за заштита и спасување е полноправнма членка и од таму ни стигна потврда дека во наредниот период се спрема помош. Мислам дека нема потреба од некоја паника или да се плашиме имаме доволно средства.- вели Џаферовски.
Вториот магацин, тој на Министерството за здравство е сместен веднаш до државните клиники. Има над 1 милин парчиња различна заштитна опрема која е наменета исклучиво за здравствените работници низ земјава.
Најголем дел од опремата е од донации од странство. Од таму убедуваат дека во моментов има доволно опрема за здравствените работници.
Интересен бил почетокот на пандемијата, кога се организираше целиот систем. Тука во овој магацин добро било што за почеток имало заштитна опрема останата од времето на епидемиите на Сарс, Ебола, Свински грип.
И додека надлежните уверуваат дека заштитна опрема има доволно за сите, граѓаните и денеска во редици пред аптеките, бараат и заштитни маски.
Владата донесе уредба со која стана задолжително носењето на заштитна маска или марама во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз.
А на утрешната седница треба да одлучи од кој ден ќе почнат да важат и казните. За лицата кои нема да носат заштитна маска предвидена е казна од 20 евра. А за фирмите кои нема да обезбедат заштитна опрема за вработените казната изнесува 2.000 евра, и уште 1.000 за одговорното лице.
Александра Филиповска