
Приоритет за партиите е здравјето не изборите
Здравјето на граѓаните и справувањето со корона кризата е главниот приоритет на најголемите политички партии. Иако е изборна година, во овој момент, ниту СДСМ ниту ВМРО ДПМНЕ не сакаат да размислуваат за терминот на изборите или за другите изборни дејствија.
ВМРО ДПМНЕ бара на лидерска средба да се изградат заеднички ставови за трите најважни прашања: здравјето на граѓаните, спасот на економијата и заеднички одговор на бугарското условување на пристапните преговори со ЕУ. Опозициската партија изрази жалење што СДСМ избегнува лидерска.
Според СДСМ, рано е за лидерска средба. Велат дека единствен приоритет им е здравствената криза.
Во партиските кругови сепак се лицитира со датумот на изборите. Неофицијално, доколку нема продолжување на вонредната состојба, избори би се одржале на 28 јуни или на 5 јули. Изборните дејствија се замрзнати на 24 дена пред избори со уредба на Владата, а од ДИК велат дека сега би им требале околу 50 дена за нивно организирање. Останува да се најде правен механизам за поништување на решението за распишување избори на 12-ти април и за одредување нов термин.
Соња Николовска