
КОД: „Пеколно“ високи сметки за погребални услуги за жртвите на КОВИД 19
Над 40 илјади денари високи сметки за основни погребални услуги добиваат семејствата на жртвите на КОВИД 19. Станува збор за семејства од другите градови кои поради одлуката на болниците мора починатите да ги преземаат и да ги платат високите сметки во погребен сервис Бутел. Од оваа фирма тврдат дека семејствата имаат право на избор на услуги и дека телата мора да се но роднините на починатите во емисијата КОД тврдат дека прво што дознаваат е високата сметка за услуги кои не ги барале.
Со репортерите на КОД контактираа 5-мина граѓани од Струга, Куманово, Скопје, Липково и од Прилеп и сите имаа една забелешка дека погребалните претпријатија им доставуваат невообичаено високи сметки. Бидејќи за починати од КОВИД 19, погребот не смее да чека подолго од 24 часа по настапувањето на смртта, доколку семејството сака да ја исполни таа епидемиска обврска прво ќе мора да ја плати услугата.
Вкупната сметка која кумановско семејство ја добило од погребалниот сервис Бутел изнесува 41. 300 денари, а покрај тоа морале да уплатат уште околу 500 денари поради тоа што телото поминало ноќ во капела.
-Одиме во болница, ни велат дека телото не е тука, а претходната вечер ни кажаа да не доаѓаме навечер. Потоа дознаваме дека Бутел го презел телото во 20:30 навечер, а во тоа време од болницата ни тврдат дека телото е кај нив таму. Одиме во Бутел и ги прашуваме, кој ви дозволи да го земате починатиот. Се расправаме, а од друга страна размислуваме дали имаме доволно пари за да го земеме телото на жртвата за погреб, ни раскажа ќерката на починатата кумановка.
За погреб во Куманово сосе парцела и сите адети, во нормални услови се плаќа околу 500 евра. Во време на корона само подготвувањето на телото во сандаци во скопски Бутел чини околу 200 евра повеќе. На тие средства треба да се додаде транспорт, погребно место и сите останати комунални трошоци. И така цената скока за речиси двојно од обичен погреб.
Во сметката се гледа дека лимен ковчег во кој задолжително мора херметички да се затвори починат од заразна болест- за кумановската жртва на Ковид изнесува 16.900 денари.
Но кога од истата фирма видовме друга сметка сфативме дека не сите лимени сандаци имаат иста цена.
13.550 денари. Толку од Погребен сервис Бутел чинел лимен сандак за друга од корона почината жена. Разлика во цените е 50 евра. За оваа пост мортем утврдена жртва на КОВИД 19 поефтин бил и вториот дрвен сандак. Во првиот случај цената на обичен дрвен ковчег е над 15 илјади денари, додека во вториот сандакот е 5 илјади денари поефтин. Исти цени има само за пластична вреќа за покојникот и за лемење на металниот сандак кое чини 4 илјади денари.
Креатори на цените во двата случаи се во погребниот сервис Бутел кој е најголем оператор во државата. Седиштето му е во Бутел. Оттаму тврдат дека на муштериите им е оставено сами да бираат тип на услуги и на производи.
-Клиентите сами бираат тип на услуга. Лимените сандаци се задолжителни за вакви случаи согласно протоколот на министерството за здравство. Ние како најголемо претпријатие имаме искусни вработени, работиме согласно сите протоколи и поради тоа сме најчесто избор на граѓаните кои бараат погребални услуги, изјави за КОД Елица Матевска, правник во АД Бутел Погребен сервис.
И за кумановскиот случај и за скопскиот пак тврдат дека услугата им е понудена во пакет, без да може да изберат тип на сандак и да ги скратат трошоците во трагедијата.
КОВИД 19 како нова болест е и законска дупка во правниот систем. Поради тоа министерството за здравство состави Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртво тело во контекст на Ковид 19. Документот е на три страни и во него е опишано што се прави со починат од корона во болница и во домашни услови.
Доколку заразен со корона вирус почине дома, тогаш се повикува јавно комунално претпријатие или за град Скопје, АД Бутел Погребен сервис. Изборот го направила државата за сите скопјани починати дома од корона вирус.
Протоколот за смрт од КОВИд во болница е следниот, жртвата мора да биде дезинфицирана и подготвена за транспорт од болничкиот персонал. За транспорт се повикува погребално претпријатие без да се потенцира кое. А во Скопските болници имаше жртви од Дебар, Струга, Прилеп, Куманово, Велес, Тетово. Иако не е наведено дека Бутел треба да биде ексклузивен погребален оператор сепак болниците веднаш им се јавуваат на нив.
Миомир Серафиновиќ
Како се одвива тестирањето на Ветеринарниот факултет, како македонските научници го толкуваат животинското потекло на КОВИД 19 од лилјаците, како се подготвуваат МАНУ и судска медицина за тестирање на новиот корона вирус. Ова се дел од содржините на вечерашната емисија КОД.