Панорамскиот лифт на ГТЦ ги разлути архитектите и граѓанските активисти

Поставена е челичната конструкција и останува само да се монтира панорамскиот лифт. Засега градежните работи се стопирани, а дали ќе се доврши целата градба ќе се одлучи откако ќе стивнат реакциите во јавноста. Ова во телефонски разговор за Телма го кажа извршниот директор на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски и истакна дека тој не се откажува од идејата.

Лифтот кој ги разлути архитектите и граѓанските активисти ќе чини околу четири милиони денари или повеќе од 60 илјади евра.

Градежните работи до култните вртени скали кај трговскиот центар започнаа пред неколку дена и веднаш се отвори дискусија на социјалните мрежи. Менаџментот на ГТЦ, лифтот го правда со потребата да се овозможи пристап до градината на кровот.

Ова го потврдија и од Општина Центар од каде што можат само да надгледуваат дали се се одвива според прописите.

За да започнат градежните работи отстранета е бетонската ограда на тоа место. Во својата реакција тоа го имаат споменато и од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Изградбата на лифт кај овој објект ја оценуваат како „бесправна“, а решението како „брзоплето“ и „непромислено“.

Очекуваат менаџментот на трговскиот центар да се одлучи на уривање на веќе започнатото.

„Ова случување во време на рестриктивно движење и здравствена криза со право предизвика реакции. Свесни за потребата на развој и “живеење“ на ГТЦ, се надевавме на редовни консултации со стручната фела однапред за било која интервенција на објектот, што не беше случај ниту со реализацијата на кровната градина“ велат од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ во својата реакција.

Според информациите од директорот на ГТЦ, станува збор за лифт кој освен до зелената градина на покривот, ќе овозможи пристап и до подрумот на објектот, за лицата со инвалидитет. Зелениот покрив беше завршен кон крајот на ноември минатата година и истиот ја чинеше градската каса околу 550 илјади евра.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ