Пристигна првата пратка од 12 респиратори донација од ЕУ, реализирана преку УНОПС

Првите 12 машини за асистирано дишење – респиратори и друга лична заштитна опрема, како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби за земјава денеска пристигна во Министерството за здравство. Помошта ја врачи шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека ова е првиот пакет од поддршката што Брисел ја најави пред неколку недели, а ќе биде доставена на Клиничкиот центар и Болницата „Осми септември“.

Ќе придонесеме и со 160 милиони евра во буџетот на државата за да се решат фискалните проблеми и земјата да може да обезбедува плати, субвенции и социјална помош во иднина. Денеска е убав ден, во кој ЕУ ви покажува дека е со вас и е вашиот најсилен партнер во борбата со оваа болест, рече евроамбасадорот Жбогар.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров нагласи дека оваа пратка е дел од големата помош што ја добиваме од ЕУ.

ЕУ е несомнено нашиот најголем донатор во кризата предизвикана од пандемијата. За тоа говори не само денешната донација која доаѓа во вистински момент од 12 нови респиратори, 5.000 специјални заштитни маски за здравствените работници, туку и целокупната европска досега најавена и планирана помош… Благодарност до ЕУ што ги препознаа и поддржаа нашите напори за справување со овој заеднички глобален предизвик и благодарност што ни дадоа чувство на припадност кон Тимот Европа, рече Димитров.

Четирите милиони евра за итна неопходна медицинска помош се дел од донацијата од 66 милиони евра од страна на ЕУ за справување на земјава со корона – кризата, рече Димитров, а вклучува и 3 милиони евра директна поддршка за буџетот на земјата која ќе биде трансферирана во наредните недели, 9 милиони за МСП, 40 милиони распределба на фондови за помош на МСП и мерки за активно вработување, 10 милиони евра алокација за можни здравствени и други итни потреби што може да се појават. Покрај оваа донација, Делегацијата на ЕУ заедно со други партнери е во процес на подготвување на можно пренасочување на фондови од постоечките проекти кон итни мерки за закрепнување поврзани со ковид кризата. ЕУ, рече Димитров, активираше и разни механизми за понатамошна помош во управување на кризата со Ковид 19 и потсети дека во средата ЕК предложи пред ЕП и Советот на ЕУ нови 160 милиони евра макрофинансиска помош за буџетот на земјата во форма на заеми за управување со фискалните последици од кризата.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ