Талат Џафери се огласи, но со честитка за Рамазан, пратениците се` уште чекаат одговор

Претседателот на Собранието се огласи на фејсбук, но само за да им посака на исламските верници лесен рамазански пост. 35-мината пратеници, кои вчера му испратија писмо во кое бараат, повторно да го свика веќе распуштеното Собрание, се` уште чекаат одговор. Според деловникот и законите, тој нема ни рок ниту обврска да одговори на нивното барање. Во неколку наврати веќе се изјасни дека тоа би било противуставно. Првото барање за воведување на вонредна состојба што до него го достави техничкиот премиер, тој не го проследи до пратениците туку директно до претседателот на државата.Против повторно свикување на Собранието се и од неговата партија, ДУИ, додека пратениците од СДСМ и денеска му порачаа да им излезе во пресрет.

И од ВМРО ДПМНЕ,се противат на повторното свикување на Собранието.

Поранешниот пратеник, Насер Зибери, синоќа во Топ тема на Телма, рече  дека иницијативата на СДСМ за повторно свикување на веќе распуштеното Собрание не е издржана доколку не се обезбеди двотретинска поддршка.

Пратениците барањето го темелат врз основа на член 63 став 4 од Уставот, член 15 став 4 од Изборниот законик, како и врз основа на членовите 67 и 68, став два од Деловникот на Собранието. Бараат претседателот на Собранието да свика итна собраниска седница со две точки на дневен ред и тоа потврдување на одлуките на претседателот за прогласување на вонредна ситуација на целата територија на државата од 18 март и од 16 април оваа година.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ