
Сите чекаат на вакцината за корона вирус
Во моментот кога светот ја оддбележува Светската недела на имунизација сите надежи се вперени кон научниците кои се обидуваат да најдат вакцина за пандемијата која го парализираше целиот свет – КОВИД 19.
Во Велика Британија денеска започна тестирање на две потенцијални вакцини за новиот коронавирус кои ги финансира владата.
Вклучени се 510 волонтери и најавите се дека ќе имаат ефикасна вакцина до септември.
Британскиот министер за здравство Мет Ханкок изјави дека Британија е во првите редови на глобалните напори за вакцинирање и ќе обезбеди финансиска помош за актуелните проекти на универзитетот Оксфорд и Империјал колеџ во Лондон.
Во моментов во повеќе научни центри во светот во тек се испитувања за потенцијални кандидати за оваа вакцина. Како најветувачки се испитувањата што се одвиваат во Бостон, во САД. Во биотехнолошката компанија Модерна кои заедно со Националниот институт за здравје предводен од д-р Ентони Фаучи започнаа со тестирање на вакцината на доброволци уште во март 2020-та год, вели професор др Алескандра Грозданова, претседател на комитетот за имунизација.
Во меѓувреме и Германија го започна тестирањето на вакцина против Ковид 19. Германскиот Институт Пол-Ерлих е надлежен за издавање дозволи за клинички тестови.
Германската компанија Бионтек и американскиот фарамацевсти гигант Физер добија дозволи за тестирање во кое ќе учествуваат 200 здрави луѓе на возраст од 18 до 55 години. За повеќето експерти светот не може да очекува вакцина пред почетокот на 2021 година.
Но, морам да споменам дека и покрај охрабрувачките најави, како на здравствените власти, така и на компаниите за ваков брз развој на вакцината за Ковид и нејзина потврда веќе за на есен како што најавуваат сепак научната јавност е малку повеќе резервирана. Дури и во идеални услови кога би имале ефикасна вакцина во следните шест месеци ќе биде потребно дополнително време за таа вакцина да биде произведена во потребни количини и секако да се одобри нејзината масовна употреба, тврди Грозданова.
Светска здравствена организација истакна дека за развој на безбедна вакцина се потребни најмалку 12 до 18 месеци.
Токму во актуелната состојба со Ковид 19 се соочуваме со фактот колку сме немоќни пред ваква болест за која сеуште немаме потврдено терапија ниту вакцина, вели Грозданова.
Нина Стефанова