Неизвесна е собраниската седница за вонредната состојба

Неизвесно е дали пратениците повторно ќе седнат во собраниските фотелји. Од кабинетот на спикерот се уште нема конкретен одговор дали ќе закаже седница, со оглед на тоа што, според Уставот, тој е единствениот кој има ваква надлежност. Ниту Уставот ниту Деловникот не пропишуваат рок во кој спикерот треба да одговори, ниту му наметнуваат обврска тоа да го стори. Оттука, Претседателот на Собранието може, но не мора да закаже седница, доколку тоа од него го побараат Претседателот,  Владата или барем 20 пратеници.

Барањето седница што денеска пристигна во неговиот кабинет е потпишано од 35 пратеници. Иницијативата дојде од СДСМ, но ја потпишаа и нивните коалициски партнери, Независната група на ВМРО ДПМНЕ, БЕСА, ДПА и Алијансата. Тие бараат седница со две точки, со кои ќе се потврдат двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба: едната од 18-ти март и другата од 16-ти април. Убедени се дека токму вонредната состојба овозможува Собранието да се стави во функција.

Уставниот суд во 2016-та прецизно и недвосмислено утврди дека единствено во услови на воена или вонредна состојба може да се продолжи мандатот на пратениците. Имајќи предвид дека вонредна состојба е прогласена, и следствено, поради очигледното постоење на итна ситуација и на вонредни околности, веќе не постојат никакви пречки за итно свикување  седница.

На барањето не се потпишани пратеници од ВМРО ДПМНЕ и од ДУИ. Од најголемата опозициска партија велат дека Собранието не може да заседава бидејќи е распуштено. Но, ако СДСМ има намера да го прекрши Уставот,  партиските органи на ВМРО ДПМНЕ дополнително ќе заседаваат и ќе носат одлуки.

Претседателот на Собранието изминативе месеци непоколебливо стои на сличен став: Собранието не може да заседава зашто на 16-ти февруари над 100 пратеници гласаа за негово распуштање.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ