
СДСМ ќе побара свикување на Парламентот
Група пратеници од пратеничката група на СДСМ има намера да побара свикување на Парламентот.
Веќе циркулира иницијатива на која се потпишале неколку пратеници, потврдуваат за Телма собраниски извори.
Со 20 пратенички потписи, може и официјално да се побара од спикерот Талат Џафери да закаже седница. Основата за ваквата иницијатива е во Уставот. Собранието е институцијата задолжена за прогласување вонредна состојба. Доколку тоа не може да заседава, претседателот на државата прогласува вонредна состојба на 30 дена, а веднаш штом ќе биде можно, треба да го извести Собранието.
Минатата недела, претседателот Пендаровски донесе ваква одлука по втор пат, а спикерот Џафери нема намера да ги повика пратениците на работа, колку и да трае вонредната состојба.
Во кабинетот на Џафери се уште не е испратено барање за седница. Според член 67 од Деловникот, претседателот на Собранието може да свика седница по барање на шефот на државата, на Владата или на 20 пратеници, но тој не е обврзан да го направи тоа.
Изминативе недели, Џафери неколку пати цврсто застана зад ставот дека еднаш распуштено Собрание не може повторно да се состане.