Германија започна со олеснување на рестрикциите за бизнисите

Најголемата европска економија денеска ги започна првите чекори кон рестартирање на јавниот живот. По четири неделна забрана поради коронавирусот повеќе бизниси и продавници во Германија од денеска повторно ги отворија вратите откако федералната и локалните влади постигнаа договор.

„Мислам дека е прилично добро. Дали има смисла сега мислам дека е повеќе прашање на мислење. Мислам дека е добро затоа што сега луѓето ќе можат да излегуваат малку почесто и нормалниот живот е повторно можен,“ рече Изабел Пенекамп – жителка на Келн.

Како дополнителен знак дека состојбата на Стариот континент се подобрува е и одлуката на француската војска да ги размонтира полските болници кои беа поставени во екот на здравствената криза. Владата најави дека ќе започне со олеснување на рестриктивните мерки од 11 мај, но исто така ги предупреди своите граѓани дека во догледна иднина ќе треба да се навикнат да живеат со вирусот.

„Се уште мораме да бидеме свесни дека нашите животи после 11 мај нема да бидат истите како пред мерките. Не веднаш а најверојатно не и уште долго време,“ вели Едуар Филип – Премиер на Франција

Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека е охрабрен од фактот што неколку членки планираат како да ги олеснат социјалните ограничувања поради пандемијата но во исто време и ги предупреди земјите да бидат подготвени да реагираат брзо во случај на нова епидемија на Ковид-19.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ