
Од среда задолжително носење маски во Куманово, Тетово и Прилеп
Граѓаните на Куманово, Тетово и Прилеп од среда не смеат да излезат надвор од своите домови без да носат заштитни маски. Министерството за здравство треба да подготви уредба во која покрај другото, треба да стои и дека задолжително носење маски, ќе има и за целата територија на државата, но по извесен период.
– Од 22 април (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл.
Министерството за правда треба законски да ги уреди казните за граѓаните кои нема да ги почитуваат мерките.
– Министерството за правда да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (со фотографска документација од местото каде граѓанинот е затекнат), како и висината на истите, кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, кои се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица (за групирање над 5 лица да се смета за кривично дело и да има кривична одговорност) и за непочитување на минимум потребното растојание од два метри и неносење на заштитна опрема.
Аднан Џаферовски Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и двајца членови од Главниот кординативен штаб, како и едно лице од Министерството за одбрана ќе го засилат Кумановскиот кризен штаб, откако дел од членовите и градоначалникот излегоа позитивни на Ковид 19. Сите државни институци ќе треба да го редуцираат бројот на вработени во Куманово. А до вторник и МВР ќе треба да направи посебен план за засилено присуство покрај во Куманово, и во Тетово и Прилеп. Со засилени патроли и преку користење мегафонска опрема во возилата, полицијата ќе треба да контролира дали се почитуваат владините мерки.
Владата одлучи и од вторник да се забрани организиран превоз на патници, односно влез и излез од Тетово и околните општини, освен на компаниите, полицијата, армијата и пожарникарите.
А покрај Куманово, Тетово и Прилеп владата препорачува на сите граѓани, без потреба да не излегуваат од дома. Само еден член од домаќинство ќе има право да оди во маркет или аптека.
– Министерството за информатичко општество и администрација да подготви и за наредната седница на Владата да достави протокол и анализа со која ќе се регулира систем на набавка на прехранбени продукти и лекови, од страна на само еден член од семејство/домаќинство.
Министерството за економија пак треба да подготви уредба за обврската за носење на заштитна опрема на вработените во дуќани, маркети, аптеки како и за дозволен број на лица во објектите согласно квадратурата. За да се намалат гужвите пред банките, ќе се носат и уредби за намалување на бирократските процедури за граѓаните и компаниите. А за да се тргнат пак пензионерите од пред банките, владата препорача априлските пензии пензионерите да можат да си ги подигнат со картички од петок 24 април. Тие пак кои треба да ги подигнат од шалтер се распределени во четири групи. Така пензионерите со пензии до 11.000 денари ќе може да одат на шалтер во понеделник, 27- ми, тие од 11.000 до 14.000 денари на 28-ми вторник.Пензиите од 14 000 до 18.000 ќе може да се подигнат во среда, 29-ти, а во четвротк 30-ти април треба да се исплаќаат пензиите над 18.000 денари.
Александра Филиповска