
ДСЗИ смирува: Нема простор за паника после шестемина заразени со корона вработени во маркет во Велес
Нема кластер на заразени потрошувачи од маркетот во Велес каде шестмина вработени се позитивни на корона вирусот. Ова за телма го потврдуваат од државниот здравствен инспекторат од каде велат дека нема простор за паника. Првата вработена имала симтоми, а позитивниот тест го добила на 12 ти месецов. Веднаш по ова се изолирани и сите вработени кои имале блиски контакти со неа, а шестмина од нив подоцна се покажале како заболени од корона но тие не оделе на работа. Во меѓувреме во маркетот е направена дезинфекција, а во вторник повторно ќе се дезинфицира.
- Веднаш по откривањето на првата заразена, сите контакти со неа се испратени во самоизолација. Се до потврдата дека дел од нив се позитивни се водеа како контакти, а по тоа и како заболени. Во меѓувреме првично беа потврдени како позитивни и четворица членови на фамилијата на првозаразената, а сега и уште двајца членови на една вработена. Но, сметаме дека кругот е затворен бидејќи сите од бприот момент биле во самоизолација. Од вторник сите вработени во маркетот ќе бидат заменети со целосно нов персонал, а во објектот ќе извршиме и механичко чистење, вели Ирина Сотирова Бухова – ДСЗИ
Инаку според информациите на Телма, првата вработена која е позитивна на корона била во Куманово од каде се смета дека и се инфицирала. Имала зголемена телесна температура, изгубила чувство за мисир и вкус па со овие симптоми преку матичен лекар била упатена на тестирање. Но првично во анкетатата не навела дека била во кризно подрачје како што е Куманово. По ова останатите вработени во маркет во Велес се тестирани со тестови за присуство на антитела и на нив се негативни, а овие тестирања биле направени самоиницијативно велат од институтот за јавно здравје во Велес. Според информациите од таму маркетот бил затворен пред празникот.
Билјана Николовска