
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поради актуелната пандемија на Ковид-19 и воведениот 85-часовен полициски час во државата, годинава велигденските богослужби се без присуство на верници во храмовите. Македонската православна црква – Охридска Ариепископија (МПЦ-ОА) уште пред празникот соопшти дека литургискиот богослужбен живот нема да биде прекинат затоа што тоа е идентитет и суштина на нејзиното постоење, но ќе се прилагоди на новонастанатите услови и ќе ги почитува донесените мерки за заштита.
Верниците празникот го дочекаа во нивните домови. Многу од нив излегоа на терасите и дворовите да запалат свеќа.