
На СОС линиите намален број на јавувања за помош од семејно насилство
Карпош, Ѓорче Петров и Сарај се трите општини каде што екипите на Црвен Крст Скопје имаат најмногу работа денес. Влеговме во најдолгиот карантински викенд во историјата, 85 часа. Сите се дома освен оние чијашто работа е најпотребна особено во вонредна состојба. Меѓу нив се и хуманитарците. Од Црвен крст велат – нема повеќе работа отколку претходниот викенд кој исто така беше целосно затворен.
Од полицискиот час се изземени и ситуациите кога станува збор за семејно насилство. Жртвите можат слободно да се движат надвор, но само до полициска станица. На телефонската СОС линија, социјалните работници работат 24 часа за да примаат пријави за семејно насилство. Сепак не е зголемен бројот на јавувања во изминатиот период.
Министерство за труд и социјална политика: На СОС линиите за поддршка и заштита од семејно насилство, јавувањата се со намален интензитет за разлика од претходно. Стручните лица од центрите за социјална работа имаат дозвола за непречено движење и за време на полициски час, со цел жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка.
Полицискиот час и велигденскиот карантин не важи ниту за поголемиот дел од маркетите и трговските субјекти кои се пријавиле да вршат достава. Дел од општините на своите интернет страници ја објавија листата на дежурните маркети кои добија дозволи за работа викендов. Најмногу се бара зеленчук, сувомеснати вакумирани производи, грицки и сокови. Сепак телефонските линии речиси постојано се зафатени и во контакт со одговорните тешко се стапува.
Петар Догов