Тројца починати и 36 новозаболени од КОВИД – 19

Во последните 24 часа, две жени и еден маж ја загубија битката со вирусот. На Инфективната клиника, починаа 85-годишна пациентка од Куманово и 77-годишна пациентка од Крушево. Третата жртва во денешната евиденција е маж од Лабуништа позитивен на корона кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори – неговиот матичен лекар информирал дека починал пред три дена. Со нив, вкупниот број на починати е 49.

Дневната евиденција покажува 36 новозаболени, најмногу во Скопје, и 18 излекувани. Во Инфективната клиника и во „8 Септември“ се лекуваат околу 90 пациенти, а во Штип и Битола по 8. Министерот Филипче вечерва потврди втор случај кај вработените во Онколошкиот оддел на Детската клиника.

Позитивен наод има кај хигиеничарка во Скопска геријатрија. Дел од нејзините колешки се во изолација, а од наредната недела ќе се прави скрининг во сите домови за стари лица.

Тестирањето преку крв во Кумановската болница покажало дека од 210 вработени, само кај двајца има антитела. Но, поради намален број на вработени, седумте пациенти се префрлени во Скопје, а Инфективното одделение ќе продолжи да функционира како приемно.

Резултатите од скринингот на имунитетот кај населението во Дебар се очекуваат наредната недела. Кон крајот на летото се планира скрининг во целата држава според возрасни групи: ученици, работоспособно население, возрасни над 65 години. Според резултатите, ќе се планира евентуално продолжување на рестрикциите.

Интензивно се работи на реорганизирање на лабораторијата во МАНУ. Првичните очекувања да почне со работа оваа недела не се остварија, но од наредната, најавува Филипче, би требало – чекањето на резултатите да се сведе на само еден ден.      

Соња Николовскa

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ