
Отпуштените работници од Тетовски Тетекс протестираа барајќи си ги двете неисплатени плати
Претставник на фабриката „Тетекс јарн лимитед“ во Тетово, чии поранешни вработени утрово излегоа на протест, е приведен под сомнение за непријавен престој. Според информациите на СВР Тетово на 56-годишниот П.И. од Република Бугарија, во јануари годинава му истекла важноста на неговата лична карта за странци. Тој ќе биде предаден на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.
Инаку, компанијата на 31 март им дала на отказ на над 160 работници, а дел од нив утрово пред влезот на фабриката побараа да им бидат исплатени заостанатите плати.
Фабриката, која произведува предиво и волница, е компанија со доминантен бугарски капитал. Вработените велат дека сопствениците ја зеле сета роба од објектот.
Новинарските екипи не добија став од раководоството на фабриката и покрај неколкуте обиди, а пристап до канцелариите беше забранет од страна на обезбедувањето на влезот на фабриката.
Според претседателот на Синдикатот за текстил, кожа и чевли на Македонија, Љупчо Радовски, во тетовскиот регион нема други отпуштања. Според препораките за заштита во овој период, се редуцира бројот на вработени со користење на минатогодишните и годишните одмори. Во периодот кога неколку конфекции во немаа работни налози, производството го пренасочија кон изработка на заштитни маски и мантили.
Данијела Билбилоска