Градоначалникот на Куманово позитивен на КОВИД 19, а премиерот, тројца министри и државен секретар се во самоизолација

Градоначалникот на Куманово е потврден дека го носи КОВИД 19, а премиерот, тројца министри и државен секретар се во самоизолација откако вчера се сретнаа со Димитриевски во градот кој денеска осамна со уште 40 нови заразени пациенти. Во текот на целиот ден по добивањето на резултатите во центарот за јавно здравје се вршат интензивни епидемиолошки проценки и се анализираат контактите на градоначалникот кој изминатите недели беше активен и на терен. Во самоизолација се премиерот Оливер Спасовски, кој истотака е од Куманово, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбр Адеми. На средбите во Куманово присуствуваше и сега изолираниот државен секретар во здравство Владимир Милошев. Сега и владините седници ќе се одржуваат преку интернет, а од Илинденска соопштија дека владата ќе продолжи да работи непречено, била подготвена за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација.

Соопштение на Влада:

На состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитуваа протоколите за заштита и носеа заштитна опрема. Во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување. Работата на Владата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот.

Филипче преку фејсбук објасни дека ќе продолжи со работата си редовни репорти до јавноста, а Османи соопшти дека ќе се тестира во вторник согласно протоколите. Информацијата ја откри градоначалникот Димитриевски околу пладне на фејсбук.

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово:

Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против оваа заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца. Нема простор за паника, ОШЗС ќе продолжи со својата работа во борба против Короната по препораките на епидемиолозите и стручните лица.

Но и во штабот кој секојдневно се состануваше има заболени, уште 9-мина луѓе кои учествувале на кризниот штаб, постојано или повремено се позитивни, потврдија за Телма од кумановскиот центар за јавно здравје. Меѓу новопотврдените се и тројца припадници на кумановската противпожарна бригада. Сите членови на штабот дале брисеви за тестирање на 12-ти април. Позитивните резултати стигнале денеска, по 4 дена.

Иако кризниот штаб бил на тестирање, не е објаснето дали оваа информација ја знаел и на владиниот тим кој вчера беше во посета на градот. Таму се одржа проширен состанок на кој покрај министрите учествуваше и претседателот на комисијата за заразни болести др. Жарко Караџовски. Куманово и Димитриевски постојано бараа таму да се прогласи карантин и кризна состојба како во Дебар, но и министерката за одбрана Шекеринска вели дека сега веќе не е време за такво нешто затоа што болеста е во градот и треба да се применува социјалното дистанцирање.

Во Куманово досега има над 300 потврдени случаи, оттаму е премиерот Спасовски, а во градот се наоѓа и здружената оперативна команда на армијата каде секој ден одат на работа тројца генерали.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ