
СДСМ го брани Георгиевски, ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност
Двете најголеми партии се согласни дека „законот е ист за сите„, но имаат различни толкувања на синоќешниот инцидент во скопската населба „Ченто„. Излегувањето на стотина граѓани на улица за време на полицискиот час, во знак на протест поради три уапсени лица, меѓу кои и советник од СДСМ, затекнати како не ја почитуваат забраната за движење, за ВМРО ДПМНЕ е нешто што Социјалдемократите треба да го осудат и дисциплинираат.
И за СДСМ, „законот е ист за сите„, но за однесувањето на градоначалникот на Гази Баба, велат дека, само се обидувал да ја смири толпата. Борис Георгиевски синоќа излезе меѓу насобраната толпа, а на видео записите кои се појавија на социјалните мрежи се гледа и слуша како ветува дека тој лично ќе ги ослободи лицата и за истите нема да има поднесок.
Од партијата апелираат до граѓаните, да не се дозволи еден изолиран инцидент да ја засени работата на здравствените работници и на институциите, и да влијае врз тие кои седат дома и на тој начин се борат против смртоносниот вирус.
Далиборка Демјанска