Синдикати и здруженија бараат од Владата да ги заштити работниците и сиромашните

Како претставници на 700-те илјади работници во државата, крајно време е Владата да почне да не слуша и консултира при носењето одлуки – порачаа во заедничко соопштение повеќе синдикални организација и здруженија на граѓани кои бараат од Владата да ги заштити работниците и сиромашните. Оценуваат дека мерки за заштита на работниците и сиромашните ниту виделе ниту со нешто се навестуваат, а Владата настапува единствено на страната на бизнис заедницата и ги слуша само нивните сугестии.

„Во Економскиот совет на Владата која ја предводи партија што сака да се нарекува социјалдемократска, нема ниту еден претставник на синдикатите, ниту еден активист за работнички права, но затоа има претставници на сите стопански комори и на други големи компании. Затоа и мерките кои беа донесени се мерки за заштита на бизнис заедницата без скоро никаква заштита на работниците.“- стои во соопштението.

Синдикатите бараат: право на паричен надомест за невработени лица во кризава да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Според нив, многу работници изминативе недели биле измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин.Бараат да се предвиди и бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да се стекнат со право на платено породилно отсуство од страна на државата.

Меѓу барањата се и да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, владина уредба со која ќе уреди дека платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20 проценти за време на оваа криза и не под нивото на минималната плата, да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), како и да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.

Од Владата се бара и да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците кои работат и во ова време, и без кои државава би крахирала во кризава (инспектори, пожарникари, медиумски работници, шумска полиција, железничари и сл.), а одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година, да се однесуваат на сите работници, а не само на работниците опфатени со времените мерки.

„Бараме, исто така, државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели“- стои во соопштението.

На него се потпишани од Сојуз на синдикати на Македонија, Конфедерација на синдикални организации на Македонија, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, Независен академски синдикат, Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници, Синдикат на културата, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Хелсиншкиот комитет, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“ и Левичарското движење „Солидарност“.

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ