
Владата се уште без одлука за изедначување на акцизата на екстралесното гориво со таа на дизелот
Владата се уште нема одлука за предлогот на Стопанската комора за изедначување на акцизата на екстралесното гориво со таа на дизелот со кој треба да се стави крај на масовната злоупотреба на црвената нафта. Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски за Телма вели дека анализите се готови и се предадени на Министерството за финансии.
Според него има повеќе сценарија, но Владата е таа која ќе пресече.
Очекува деновиве да падне и конечната одлука. И додека нема одговор на овој предлог на Комората, вчера министерката за финансии пак излезе со изјава дека се размислува за покачување на акцизата на горивата за два до три денари
„Зголемување на акцизата за два до три денари при пад на нафтата од 20 денари е навистина повторно пад на малопродажната цена од 17 или 18 денари, што значи дека постои простор и тоа е добро и тоа треба сите да го гледаме бидејќи овие заеми кои што денеска ги разговараме,кои што ќе ги земаме,сите ние, нашата држава, сите даночни обврзници ќе ги враќаме“- рече Ангеловска.
Ангеловска изјави дака дали решението кое што ќе биде предложено до владата ќе биде изедначување или покачување на цената на нафтата дополнително ќе информираат.
Во меѓувреме пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски алармира, дека власта, подготвува повисоко зголемување на цената на нафтените деривати, не за два како што е предлогот на Стопанската комора туку за три денара по литар. Тој предупредува – дека во услови на тешка криза, најголемиот удар ќе падне врз грбот на граѓаните.
„Ова што денеска ни се предлага, а требаше да биде два денара зголемувањето на акцизата за безоловните горива и за дизелот, сега од денеска дознав дека е всушност не два туку три денара требало да биде зголемена “- изјави Мицскоски, во интервју за ТВ Алфа.
За злоупотребите со екстралесното гориво кое наместо за греење се користи како замена за дизел алармираа и експертите и институциите. За да се задоволат годишните потреби за домаќинствата потребни се 5 милиони литри екстралесно масло за домаќинства, но статистиката покажува дека се трошат дури 50 милиони литри.
За разлика од Министерството за финансии, регулаторната комисија за енергетика смета дека со изедначувањето на акцизата за екстралесното гориво и дизелот ќе се спречат злоупотребите. Претседателот на регулаторна Бислимоски за „Телма“ изјави дека преку злоупотребите буџетот губи најмалку 30 милиони евра годишно.
Според него еколошките штети се уште поголеми бидејќи токму екстралесното масло за домаќинство има 100 пати повеќе сулфур од обичниот дизел и е сто пати поголем загадувач.
Инаку, Стопанската комора на Македонија пред неколку денови предложи пакет мерки мерки меѓу кои за два денари да се зголеми акцизата за безоловниот бензин и евродизелот, додека акцизата за екстралесно гориво да се изедначи со акцизата за дизел горивото.
Нивните пресметки покажале дека така во буџетот ќе има дополнителни 42 милиони евра годишно.
Александра Филиповска