Скопје се гуши во отпад, од Комунална Хигиена велат го собирале и вчера редуцирано

Полицискиот час кој започна во петокот во 16 и ќе трае до утре –понеделник до 05 часот наутро, ги затвори граѓаните по домовите, но и ги преполни контејнерите. При нашата денешна обиколка низ Скопје, најмногу полни контејнери видовме во населбата Аеродром. Од Комунална Хигиена велат дека за разлика од регуларното собирање отпад , кое трае до 5 часот наутро, после четвртокот , тие и вчера –сабота излегле на терен , но собирале отпад само до 14 часот и тоа од индивидуалните домови.

Од ЈП „Комунална Хигиена“ бараат разбирање од граѓаните за насобраниот смет , зашто како што велат, во ограничени околности за работа, со скратено работно време во втората и со укината трета смена, не можеле да постигнат повеќе.

Ние се потрудивме колку што можеме , во рамките на она овластување што го имаме да го собереме сметот. Секако дека оние критики , што ги добиваме од граѓаните , на нас ни е јасно што се случува. Јасно ни е дека граѓаните се револтирани. Меѓутоа и тие треба да сфатат дека едноставно не можеме да постигнеме во толку краток рок , секаде да поминеме. А , забележавме и појава дека и покрај полицискиот час, одредени испразнети контејнери, повторно се преполнети, во извесна мера, вели портпаролката Ана Марија Бранџолина.

Градоначакникот Шилегов потврди за Телма дека во вонредната ситуација системот за собирање смет не функционира како во регуларни денови. Апелира до граѓаните да се придржуваат до воспоставениот режим за фрлање отпад и најави дека по направените анализи, од утре и во текот на престојниот православен Велигден, службите на „ Комунална хигиена“ ќе го собираат во две смени, од 05 часот наутро до 21 часот навечер.

Тука сме со Кризниот штаб. Ја анализираме состојбата. Во текот на утрешниот ден , од 5 часот наутро, па до 21 часот навечер ќе биде подиган комуналниот смет. „ Комунална Хигиена“ беше институција што работеше во 3 смени, со цел да можеме да го собираме сметот. Ние до пред полицискиот час во 16 часот, реално немавме проблеми со подигањето на комуналниот смет, вели градоначалникот Шилегов.

Не се прави разлика при собирањето на отпадот, дали потекнува од домовите на здрави или инфицирани со ковид-19 граѓани, во домашна изолација. Но, ако се работи за инфицирани, важно е отпадот да биде во две кеси, а првата да биде исполнета само 2/3 од содржината, додаваат од „ Комунална Хигиена“’.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ