
Коалиција “Сите за правично судење” : да се спречи ширењето на Ковид 19 во затворски установи
Од Коалицијата “Сите за правично судење” изразуваат загриженост поради случајот на починат притвореник кој бил инфициран со КОВИД-19 . Од оваа невладина ги повикуваат надлежните институции да преземат навремени и координирани акции за целосна имплементација на препораките на СЗО, ООН и Советот на Европа со цел да се избегнат непожелни ситуации. Апелираат да се направат напори за да се спречи ширењето на вирусот во затворите и притворските одделенија, каде, како што велат, имајќи ги предвид несоодветните услови за одржување на хигиена, дезинфекција, употреба на заштитни маски и ракавици, одржување на растојание и избегнување на групирање, ваквото ширење на вирусот би можело да има катастрофални последици.
-Коалицијата “Сите за правично судење” уште еднаш ја користи оваа прилика да ги повика надлежните служби, вклучувајќи ги тука судовите, Судскиот совет, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, како и казнено поправните и воспитно поправните домови и установи, да ги преземат сите расположливи мерки кои се во нивна надлежност, а со кои би се придонело кон превенирање на потенцијална и сериозна инфекција со КОВИД-19 во установите каде се наоѓаат лица лишени од слобода. Во оваа насока е и обраќањето на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации во кое се повикуваат државите да ги преземат сите неопходни чекори за да го заштитат здравјето и животот на лицата кои се во притвор и други затворени установи, здравјето на нивните семејства кои доаѓаат да ги посетат, како и здравјето и животот на лицата вработени во овие установи и нивните семејства. Во своето обраќање Високиот комесар за човекови права става особен акцент на оние држави кои немаат соодветни услови за одржување на хигиена, одржување на физичко растојание и самоизолација, а доколку се погледнат извештаите на Комитетот за заштита од тортура на Советот на Европа, Македонија спаѓа токму во овие држави, што значи дека нашата држава треба да вложи особено големи напори во превенција на ширење на епидемијата во затворите и притворските одделенија. Препораките во обраќањето се однесуваат токму на растеретување на затворите и притворските одделенија со отпуштање на притворените и затворени лица кои не претставуваат висок ризик или се осудени на поблага затворска казна и се во фаза на нејзино извршување, младите и повозрасните лица, лицата со хронични заболувања, бремените жени и други категории кои претставуваат висок ризик согласно препораките на Светската здравствена организација. Покрај ова Високиот комесар препорачува континуирано следење на здравјето на оние лица кои се пуштени на слобода поради тоа што истите претставуваат ризична категорија, односно се излезени од места каде има несоодветни услови а имплементација на препораките за превенција од ширење на вирусот, па поради тоа истите можат да бидат носители на КОВИД-19. Дополнително, Комитетот за спречување на тортура и Советот на Европа, како и Светската здравствена организација издадоа упатства и препораки согласно кои се препознава зголемената опасност од ширење на коронавирусот во затворите и притворските одделенија и се повикуваат државите да преземат низа мерки на повеќе нивоа со цел да се спречи евентуална епидемија во затворите и затворените установи, стои во соопштението од Коалицијата.
Од невладината истакнуваат дека од овие документи проилзгуваат и препораки за судовите и јавните обвинителства, како што е намалување на употребата на мерката притвор и ублажување на казнената политика во поглед на изрекување на затворските казни.
-Од друга страна пак, во поглед на лицата лишени од слобода се дадени повеќе препораки кои се однесуваат на обезбедување на средства за лична хигиена, како и споделување на сите потребни информации за здравствените мерки за заштита на начин и јазик разбирлив за нив, како и прилагодени на полот, културата, возраста, физичките способности, менталното и физичкото здравје на лицата лишени од слобода. Рестриктивните мерки кои се применуваат во затворените установи, а се во насока на спречување на ширење на вирусот мора да бидат неопходни, пропорционални и законски основани. Доколку со овие мерки се намали физичкиот контакт и бројот на посети на лицата лишени од слобода, вклучувајќи ги тука мерките на самоизолација и карантин, надлежните мора да обезбедат пристап до свеж дневен воздух, како и да најдат алтернативни начини за комуникација, како што е телефонската и интернет комуникацијата, стои во рекацијата од Коалицијата сите за правично судење.