
Туристичко – угостителскиот сектор ќе се спасува со 95 милиони денари
Ќе се спаси ли туристичко – угостителскиот сектор во земјава, погоден од корона кризата и ќе ги задржат ли работните места над 15 илјади вработени? Позитивни сигнали доаѓаат од денешната средба со министрите на финансии и за економија, која угостителите ја оценуваат како конструктивна. На средбата се разговарало за новите мерки и за предлозите кои треба во понеделник да ги достават до Владата, велат од Туристичко – угостителската комора.
- Во сите мерки за кои разговараа Угостителскиот сектор и Владата, приматот го ставивме на она, како да ги задржиме нашите вработени и како да успееме да добиеме најмногу сретства за нив. Да се добие минимална бруто плата за вработените во нашиот сектор , кој што е затворен и погоден и уште неколку други мерки, изјави Мартин Ангеловски- Туристичко- угостителска комора.
Министерот за економија , Бектеши ги информирал угостителите дека за Фондот за туризам веќе се определени сретства, што ќе стапат на сила за заздравување на економијата, но дека ќе се бараат и дополнителни суми.
- Значи сме предвиделе 95.000.000 денари. Ние како министерство за економија , сме во комуникација и со други институции . Се со цел, да ги зголемиме сретствата кои ќе бидат насочени и таргетирани, со цел, компаниите да се опорават , кои што беа и најпогодени, изјави Крешник Бектеши – Министер за економија.
Од вчерашното повлекување на условот, основачи и управители да не можат да ги користат антикризните мерки, задоволни се и над 114 илјади трговци кои продаваат облека, обувки, сувенири и текстил. Но, бараат да се разгледа можноста за прекин на пресметката на казнени камати и да се одложи плаќањето придонеси.
- Треба да се разгледа можноста за стопирање на пресметката на казнени камати времено и да се одложи плаќањето на придонеси за 3 месеци, со можност за уште 3 месеци, изјави Катерина Петровска- Групација на трговци при Трговската комора.
Трговците порачуваат да се следи ситуацијата на дневна основа и да се слуша гласот на најпогодените, а тоа се претприемачите, кои се мали стопански субјекти.
Сотир Трајков