
Почина притвореник во Истражниот затвор
Наместо да излезе од притвор по 30 дена во Истражниот затвор во Шуто Оризари, 47-годишниот Е. А. вчера беше пронајден мртов. Посмртниот тест покажа дека е позитивен на корона.
Во притворското одделение е примен на 8-ми март. Немал температура, не кашлал и немал други симптоми на вирусот. На 30-ти март се пожалил на срцева болка, за што добил соодветна терапија. Неговиот цимер изјавил дека прексиноќа тој си легнал вообичаено по вечерната молитва. Изутрината кога станале за рамазанска молитва, му се слошило. Повикана е брза помош, но таа само констатирала дека починал.Телото е предадено на обдукција, бидејќи таков е протоколот за сите починати во затворските установи.
Директорот на Истражниот затвор Есад Рахиќ не сака да коментира како притвореникот се инфицирал и колку лица биле во контакт со него. Од Управата за извршување санкции велат дека веднаш откако е прогласена вонредна состојба, забранети се посети, слободни викенди и воведени се дезинфекции и други мерки на претпазливост.
Починатиот притвореник, по професија наставник, потекнува од Ресенскиот крај. Во притвор бил и неговиот син бидејќи заедно измамиле и оштетиле странски откупувачи на јаболки. Притворот од 30 дена му завршувал на денот на смртта, по што требало да замине дома со мерки на претпазливост.
Соња Николовска