
Оставка на претседателот на Европскиот истражувачки совет
Претседателот на Европскиот истражувачки совет (ЕРЦ) Мауро Ферари поднесе оставка откако, како што наведува тој, не успеал да го убеди Брисел да почне научна програма од широки размери за борба против коронавирусот. Ферари, кој на 1 јануари почна четиригодишен мандат на местото претседател на ЕРЦ, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека е „исклучително разочаран од европскиот одговор на Ковид-19“.
Италијанско-американскиот експерт за наномедицина ја обвини Европската комисија за „голем некоординиран кластер на иницијативи“. Тој рече дека барал ЕРЦ да додели специјално финансирање за истражување на Ковид-19. Како резултат на тоа, „изгубив верба во самиот систем“ вели Ферари кој вчера ја доставил оставката до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во јавноста пак излегоа информации дека раководното тело на агенцијата, 21-члениот Научен совет, неколку дена претходно донело одлука да побара оставка на Ферари, бидејќи тој, според нив, минувал премногу време на приватни активности, кои немаат врска со ЕРЦ, објави „Сајнс бизнис“.
Кристијан Елер, германски член на Европскиот парламент, кој го предводи законодавството за истражувања, синоќа лиферуваше соопштение, во кое постапките на Ферари ги оцени како „фасада за односи со јавноста во однос на кризата со коронавирусот“ и оти тоа што го барал е во спротивност на правната основа на РЦЕ.
Кога ја презеде функцијата на 1 јануари, на Ферари му било дозволено да продолжи со некои активности во САД, каде изградил кариера во областа на инженерството, нанотехнологијата и медицината. Меѓу нив и платена позиција во Управен одбор во американската биотехничка компанија Ароухед Фармаситикалс (Arrowhead Pharmaceuticals). Тој, исто така, продолжил да работи како вонреден професор по фармацевтска наука на Универзитетот во Вашингтон. Но, аранжманот бил невообичаен за агенција како ЕРЦ и веќе предизвикал критики од надвор. Кога европските држави минатиот месец почнаа да воведуваат затворање на граници и изолација, тој бил во САД, каде што работат неговите возрасни деца.
Портрпаролот на Еврокомисијата вчера ја потврди оставката на Ферари, но одби да соопшти повеќе детали.