
Со европски пари општините ќе градат инфраструктура за туризам
Од Европа 18 милиони евра преку ИПА 2, од Владата уште 3, вкупно над 21 милиони евра ќе добијат македонските општини, но и туристичките оператори и граѓански здруженија, за да го развијат туризмот и да изградат добра инфраструктура за полесен пристап до туристичките места.
Од Европската делегација порачаа дека сите ќе имаат пристап до европските пари, но општините и фирмите што ќе конкурираат ќе мора да работат дење и ноќе за да подготват квалитетни проекти, во спротивно, средствата нема да бидат долго на располагање, би можеле да се вратат назад во Брисел. Уште едено совет од европските партнери – исчистете ја земјата од ѓубрето.
„Кога ние како странци ќе дојдеме овде, првата работа што ја забележуваме е убавата природа. Сакаме да уживаме во планинските спортови, но пред тоа, ние ќе се изгубиме, еве јас се изгубив затоа што нема знаци, а имам дури и повреда возејќи со велосипед бидејќи нема соодветни патеки. И не само тоа, туку има и многу ѓубре наоколу. Одам на планина, и гледам нелегална депонија. Ова мора да престане. Оваа земја и вие луѓе заслужувате подобра околина и подобра клима“, рече Никола Бертолини од Европската делегација во Скопје.
На прашањето дали чекаме странците да ни го исчистат ѓубрето, вицепремиерот Анѓушев одговори дека тоа ќе го сториме сами, за што е предвиден друг проект.
Преку овој, пак, општините ќе можат да добијат до максимум еден милион евра ако настапуваат сами и до три милиони ако одат регионално. 90 отсто од парите ќе бидат грант, а 10 проценти сопствено учество. За локалните микро и мали претпријатија грантовите ќе бидат до 100 илјади евра за еден барател и до 300 илјади ако настапуваат заеднички, но кај нив само 50 отсто од парите ќе бидат грант. Граѓанскиот сектор, пак, за обуките ќе добива од 50 до 150 илјади евра, и таму грантот е 90 проценти.
„Се надевам дека најмногу средства ќе бидат искористени за инфраструктура на општините, така што парите нема да бидат за поединечни лица, туку за доброто на сите граѓани, за да не ги гледаме природните убавини, планините и езерата, туку да бидат убави патеки кои ќе ги предизвикуваат да гои посетат домашните и странските туристи“, рече Анѓушев.
Тој откри дека не чекал да се распише огласот, туку веднаш по локалните избори се сретнал со речиси сите градоначалници и им кажал да ги подготват проектите. Дел од нив се веќе готови и тие ќе имаат предност, а за оние општини што немаат капацитет тоа да го сторат сами, се предвидени средства и за техничка помош.
Огласот за аплицирање е отворен денеска, а за изјавување интерес рокот е до 30 април. Денеска на градоначалниците и на туристичките компании им беа претставени деталите како полесно да ги искористат средствата.
Нина Нинеска-Фиданоска