Нови четворица починати од корона вирус

Нови четворица пациенти починаа на Инфективната Клиника од корона вирусот, потврдија за Телма од министерството за здравство. Починатите се од Куманово, струшко Лабуништа, Челопек и Штип. Болнички извори од штипската инфективна болница потврдија дека починатиот пациент од Штип е 80-годишна жена која пред неколку дена беше хоспитализирана на штипското Инфективно одделение.

80- годишната жена на штипското Инфективно одделение била примена со симптоми на бронхопневмонија и негативен тест на корона вирус, а поради лошата здравствена состојба направен е втор тест но и тој се покажал како негативен. Семејството и по третпат ја тестирало, по што се покажа дека е позитивна на Ковид 19. По овој случај со 80 годишната жена, медицинскиот персонал од штипското Инфективно одделение е ставен во самоизолација од пред четири дена. Во самоизолација се двајца лекари инфектолози, осум медицински сестри и четворица болничари. Директорот на болницата веднаш направи реорганизација, медицинските сестри се пополнети од други одделенија, а на помош на лекарот инфектолог од неделата доаѓа и инфектолог од струмичката болница. Во моментов на штипското Инфективно одделение се лекуваат пет пациенти позитивни на коронавирус и четворица се со сомнителни симптоми и ги чекаат резултатите од тестовите.

Во синоќешното гостување во Топ Тема, градоначалникот Максим Димитриевски потврди дека  уште двајца пациенти од Куманово починаа од корона вирус, од кои едниот бил припадник на граничната полиција.

Во меѓувреме, во кумановската болница земени се брисеви на 60 здравствени работници.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ