
Државјанство од друга европска држава добиле 74.946 македонски граѓани
Вкупно 74.946 македонски граѓани во десет години добиле државјанство од некоја друга европска држава. Најмногу станале државјани на Италија, Швајцарија и Германија, покажуваат податоците на Евростат.
Само во 2018 година земјите од Европската унија дале вкупно 672.270 државјанства на граѓани од други земји. Најмногу на жители од Мароко – 67.156, потоа од Албанија – 47.441 и Турција – 28.386, покажуваат податоците на Евростат.
Од нашата земја во 2018 година вкупно 7.627 граѓани добиле државјанство од друга европска држава и тоа Италија – 3.487, Швајцарија – 1.606 и Германија – 945. Ова е намалување за 450 во однос на претходната 2017 година, кога 8.077 македонски граѓани земале државјанства во земји од ЕУ.
Во последните десет години вкупно 29.428 македонски граѓани добиле италијанско државјанство. Околу 14 илјади тоа го сториле во последните три години, од кои рекордни 6,771 во 2016 година. Во статистиката на Евростат се наведува и податокот дека во 2008 година најголем број државјанства македонските граѓани добиле од Бугарија – 3.637, по што наеднаш се намалува статистичкиот број и се движи од 400 до 200 граѓани.
Од регионот најмногу државјани во 2018 година загубила Албанија – 47.441 жител – најголемиот дел од нив 51% со државјанство од Грција, а 46% од Италија. Вкупно 8.693 жители на Србија во 2018 година добиле државјанства во земји од ЕУ – најмногу 28,5 проценти од Германија, 23,5 од Италија и 14,6 од Шведска. Од Косово вкупно 7.979 граѓани се преселиле во ЕУ. Најмногу 48,2% во Германија, 27,1% во Италија и 7,1% во Австрија.