
Партиите во „клинч“ чии економски мерки се подобри
Чии мерки се подобри за стопанството, кој колку компании и работни места ќе спаси?! Партиите и денеска си ги одмеруваа силите кој подобро би се справил со корона-кризата која удри врз домашната економија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски повтори дека владините мерки се задоцнети, нецелосни, нефер и збунувачки и нема да го дадат посакуваниот ефект. Кажа дека Владата одбива да ги разгледа нивните предлози и порача да прекине со политика и инает.
„Иако уредбата беше прописно доставена преку нашиот министер, технички министер за внатрешни работи г. Наќе Чулев. Техничкиот премиер Оливер Спасовски не ни дозволил да биде ставена на дневен ред на влада за да биде разгледана и да се отвори дискусија за истата. Со тоа владата ги лишува од директна помош компаниите и вработените за субвенција до 50 проценти за бруто плата по вработен или парична помош најмногу до 27 илјади денари по вработен. Со тоа директно за месеците март, април и мај во стопанството државата ќе инјектираше повеќе од 350 милиони евра.“ – рече Мицкоски.
Мицкоски го повтори предлогот од 1 април средствата кои работодавачите ги уплаќаат во вториот пензиски фонд да ги уплаќаат во ПИОМ со што ќе се обезбеди ликвидноста на државниот пензиски фонд. А благајничките записи во Народната Банка веднаш сите или дел од нив да бидат пренесени и државата да ги запише во хартии од вредност и со тоа да обезбеди 25 милијарди денари инјекција за стопанството.
За СДСМ пак предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се несериозни, а со владините мерки се обезбедува поддршка од 200 милиони евра.
„ Правејќи ги анализите, дојдовме до бројки на загрозени работни места и загрозени компании кои и не се така мал број. Поточно, тој опфаќа помош за најмалку 250.000 работници и околу 35.000 компании, што е скоро 50% на регистрирани правни субјекти во приватниот сектор. Анализите покажуваат дека мерките што ги предлага ВМРО ДПМНЕ, освен што се несериозни и неодговорни, се мерки за поддршка на тие кои што се во категоријата на повисоко платени работни места и можеби под претпоставка дека нивната куповна моќ е поголема“, рече тој.
Владата го донесе вториот пакет економски мерки тежок 200 милини евра со кој планира да сочува 250.000 работни места преку исплата на минимална плата од 14.500 денари за компаниите од погодените сектори. Уредбите се веќе донесени, но коморите и здруженијата алармираа дека владината помош нема да ги даде посакуваните ефекти.
Александра Филиповска