Над 50 заболени здравствени работници, расте бројот и на тие во самоизолација

Здравствените работници во земјава се пред сериозен тест. Да ги излечат пациентите болни од Корона, но и самите тие да не се заразат, за да го одржат стабилен здравствениот систем во време на пандемија. Денес повторно вработени во здравствена установа се најдоа во дневните извештаи на потврдени случаи со коронавирус. Станува збор за жена од Поликлиника Чаир. Соработниците нејзини од истата просторија веќе се во самоизолација, а зградата е повеќепати дезинфицирана.

Вчера од кумановската болница беа потврдени дури 11 случаи позитивни на вирусот, со што вкупната бројка таму сега е 15 болни. Тројца медицинари од Прилеп се најдоа на истата листа. Сето тоа го покрена прашањето колку оние коишто работат во здравствените установи се и самите тие заштитени во оваа борба со невидливиот непријател. На терен се и здравствените инспектори. Проверуваат дали има доволно маски, ракавици и друг заштитен материјал во болниците и амбулантите. Никаде не нашле пропуст во работењето.

Во земјава прв заразен доктор беше поранешната директорка на Клиниката за кожни болести која вирусот го донесе од скијачките терени во Италија на Клиниката во Скопје. Потоа уште шестмина беа потврдени позитивни откако биле во контакт со нејзе. Во извештајот на Институтот за јавне здравје во кој се собрани податоците до втори април пишува дека 52 медицински лица се заразени, а 34 од нив во болнички или амбулантски услови. Целата Епидемиолошката служба на подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар од синоќа е затворена. Мерката засега е од привремен карактер откако вчера беше утврден позитивен тест на КОВИД 19 кај еден од вработените. Сите вработени, околу десетина, се упатени во домашна изолација. Мерките кои треба да се спроведат ќе зависат од исходот на тестирањата и одлуките на здравствените власти. Епидемиолозите во Гостивар изминативе денови извршија над 50 тестирања и спроведоа епидемиолошки анкети. Деновиве се очекува да биде отворен и пункт за тестирање.

Освен потврдени случаи речиси насекаде, бројни се и оние коишто превентивно се во самоизолација. Од денес 14 медицински лица во Штип исто толку денови ќе седат изолирани поради контакт со заболена пациентка.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ