
Нивото на Охридското езеро три центиметри над максимумот
Обилните врнежи и топењето на снегот го подигнаа нивото на Охридското Езеро на 693,82 метри надморска височина, што е за седум центиметри над максималната кота. Од АД ЕЛЕМ информираат дека се вложуваат максимални напори надојдената вода да се преработува во хидроелектраните на Црн Дрим, за да не дојде до поплави, но не се исклучува можноста нивото на езерото и натаму да расте бидејќи во наредниот период се очекуваат нови врнежи од дожд.
„Согласно водостопанската дозвола која ни е дадена при големи води Охрид може да биде на ниво од 694 м.н.в.. Во минатото Охридското Езеро било на тоа ниво, дури и повисоко, 2010 година тоа било на 694.06 м.н.в.. Правиме максимални напори да не направиме штети на плажите ниту во Охрид ниту во Струга, а и по течението на Црн Дрим“, изјави Драган Миновски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.
Состојбата со нивото на Охридското Езеро, ќе ја следи работна група која треба да даде насоки за намалување на влијанието на надојдените води. Загрижува и состојбата на реките и каналите во езерскиот слив, кои не се соодветно ичистени, затоа што претходната локална самоуправа не распишала тендер за таа намена.
„Преземени се помали зафати, онолку колку што може да бидат преземени на Коселска река, Далјан и Грашница. Ги имаме идентификувано клучните критични точки и по топењето на снегот ќе пристапиме кон чистење на каналите и речните корита“, истакна градоначалникот Јован Стојаноски.
Иако беше најавено, се уште се нема состанато мешовитата работна група која треба да го разгледа договорот склучен помеѓу Македонија и Албанија во средината на минатиот век, за одредување на нови мерни коти на Охридското Езеро. Се очекува состанокот да се одржи оваа пролет.
Горан Момироски