
Ангеловска: Банките никаде не ги простуваат каматите на кредитите
Со грејс периодот за плаќање на ратите за кредитите, граѓаните добија и дополнителни камати од банките. По Уредбата на Владата, дел од банките веќе ги информираа клиентите дека можат да го стопираат плаќањето на ратите и за шест месеци. Но во условите стои дека за тој период најголем дел од банките ќе ја пресметуваат договорената камата која после шест месеци при репрограмирањето ќе влезе во главниот долг на кој пак ќе се наплатува камата. Граѓаните имаат рок од десет дена да се изјаснат, а ако не се изјаснат банката сама ќе им ги одложи ратите. Ваквите одлуки на банките наидоа на многу критики во јавноста. Но, за министерката за финансии Ангеловска нема ништо спорно – бидејќи банките мора да останат стабилни и после корона кризата. Вели – дури и во оние земји од соседството кои воведоа мораториум за плаќањата, банките нема да им ги простат каматите на граѓаните.
„Кога зборувам соодветно решение, тоа решение значи да ги заштити граѓаните денес но и во иднина. Економската стабилност на земјата се заснова и зависи и од банкарскиот сектор. Тоа значи дека банкарскиот сектор тоа што денес е стабилен и што ни дава за право да кажеме дека е во многу добра состојба банкарскиот сектор споредено со глобалната економска криза треба да имаме предвид дека истиот треба да биде стабилен и да ја поддржи економската стабилност и по корона кризата,“- вели Ангеловска.
Ангеловска излезе со три сценарија за тоа колкава ќе биде дупката во Буџетот годинава од корона кризата. Во зависност од сценариото годинава ќе недостасуваат од 700 до 1,3 милијарди евра плус 300 милиони евра кои беа проектирани како буџетски дефицит.
„Кај првото сценарио – поволното, предвиден е пад од 20 отсто на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно за толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање.Кај второто сценарио, неповолното, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30 отсто со што потребите би се зголемиле за околу една милијарда евра. И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40 отсто, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра,“- рече Ангеловска.
Наплатата на сите приходи во Буџетот почнала да паѓа од 20 март, и на дневно ниво имало пад и од 25 проценти. Според проекциите вториот квартал од годинава ќе биде најтежок за економијата. Но, Ангеловска смета дека вториот сет економски мерки тежок околу 200 милиони е доволен за да се ублажат последиците кај стопанството и граѓаните. Рече и дека се бараат кредити од 600 милиони евра кои треба да стигнат во мај. А потоа ќе се издаде и еврообврзница, која според министерката ќе биде на поголем износ од планираните 500 милиони евра.
Александра Филиповска