
Ставен во мирување штрајкот на рударите во „Саса“
Рударите од „Саса“ синоќа ги тргнаа блокадите, а рано утринава се вратија во јамите на своите работни месте. Штрајкот е ставен во мирување, по синоќешните разговори во Владата меѓу раководствата на Сојузот на синдикатите на Македонија, Мултиетничкиот синдикат за образование, синдикалната организација во Македонска Каменица и менаџерскиот тим на рудникот.
Претседателот на синдикалната организација на МЕСО во Саса, Сашо Јованов вели дека блокадите од локалниот пат, кој води кон рудникот се тргнати синоќа по 22 часот и 30 минути.
„Договорено е преговорите да почнат во наредните два до три дена, од наша страна ќе ги водат членовите на Управниот одбор на синдикалната организација на МЕСО од Македонска Каменица. Јас ќе бидам координатор, но нема на лице место да бидам на преговорите. Слободно ќе комуницирам со раководството на рудникот и ќе им ги доставувам барањата. Вечерашниов договор го постигнавме во интерес на рударите“, вели Јованов.
Јованов потенцира дека штрајкот е ставен во мирување, во текот на наредните денови ќе се преговара, пред се за барањата за повисоки плати и за подобри услови за работа на рударите.
Раководството на рудникот „Саса“ ја поздравува одлуката за прекин на блокадата на патот кој води до рудникот.
„Благодарение на интервенцијата на институциите се овозможува продолжување на редовното функционирање на рудникот и се избегнуваат натамошните штети за компанијата, за сите нејзини 700 вработени и за големиот број на партнери. Штетите од дводневната блокада на рудникот ќе беа избегнати доколку се почитуваа прописите и законот за работни односи на кои упатуваше и инсистираше раководството.“
Од Рудникот „Саса“ забележуваат дека ќе преговора со преставниците на синдикалните организации согласно законските процедури.
Викторија Димитрова Јованова